Вечерва во Националната галерија Чифте-амам во 20 часот ќе биде отворен 16. по ред „Зимски салон“, манифестација со која нејзиниот организатор, Друштвото на ликовните уметници на Македонија, ќе започне да го прославува својот 70-годишен јубилеј. Темата на изложбата е „Нивоа на нашата свест“, а селектор на делата е ликовната критичарка Хелена Фенцлова од Чешка, која ќе одлучи и за добитникот на наградата Гран при.
За годинешното издание на Салонот биле пријавени над 70 дела, од кои 47 дела влегоа во главната селекција и ќе бидат презентирани на изложбата. Покрај македонски автори, на неа со свои дела учествуваат и уметници од Чешка, Словачка, Србија, Хрватска и други земји.
Темата „Нивоа на нашата свест“ е избор на Хелена Фенцлова која била инспирирана од географските карактеристики на Македонија, како и од разноликоста на индивидуалните интелектуални дејства. Темата таа ја смета за „катализатор и индикатор што го опточува ликовниот израз на поединечните автори“. Според Фенцлова, „авторите своите набљудувања и перцепции ги претопуваат со посредство на различни творечки медиуми во оригинален израз на уметничкото дело на секој поединечен творец“.