„Реидентификација“ е насловот на изложбата на повеќе македонски уметници која ќе се отвори вечерва во објект на улица „Метрополит Теодосиј Гологанов“, со почеток од 19. 30 часот. Иницијативата е на „Кооперација“, самофинансирана група на автори отворени за соработка со други домашни и странски уметници и колективи.
Од „Кооперација“ велат дека „Реидентификација“ има цел да проговори за анонимноста од аспект на анонимното, односно за преименувањето од гледна точка на обезименувањето. Основното тежиште на оваа поставка е проблематизирањето на идентитетот преку името како знак/обележје и можните импликации на отвореното (јавното) наспроти прикриеното (анонимното) во контекст на неизбежниот сооднос меѓу естетското и политичкото. Од тука, велат тие, се поставува прашањето дали може и како воопшто да се дефинира и одреди територијата на индивидуалното во однос на реалната просторна граница, а во рамки на општествениот простор? Како што велат од „Кооперација“, „Реидентификација“ е обид да се преиспитаат одредени позиции на анонимноста преку процесот на соединување на автохтони дела од поголем број уметници кои од позиција на личното говорат за колективниот идентитет, како и за оној на самиот автор, за индивидуалната одговорност, авто-цензурата и други аспекти од општественото бивствување.
Учесници во оваа изложба се уметниците Снежана Алтипармак, Методи Ангелов, Мирна Арсовска, Дијана Богдановска, Урош Вељковиќ, Фотини Гусети, Марко Гутиќ Мижимаков, Сашо Димоски, Димитрие Дурацовски, Душан Дракалски, Инес Ефремова, Иван Ивановски, Јана Јакимовска, Владимир Јанчевски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Авив Круглански, Ана Лазаревска, Владимир Лукаш, Оливер Мусовиќ, Миле Ничевски, ОПА, Нада Прља, Вахида Рамујкиќ, Игор Сековски, Александар Спасоски, Славица Тошевска, Игор Тошевски, Симон Узуновски, Неда Фирфова и Борис Шемов.
Во рамки на отворањето на „Реидентификација“ ќе биде промовиран првиот број на списанието„Критика“.