Генијалниот научник на 20 век Алберт Ајнштајн, бил човек без постојна адреса. Познато е дека тој на двапати се откажал од своето германско државјанство. Првиот пат во 1896 како резултат на бунтовниичкиот дух и антимилитаризмот, и вториот пат во 1933 по доаѓањето на власт на нацистите.
Тој поседувал пасош на Швајцарија во најголем дел од својот живот, каде престојувал на различни адреси, но засекогаш ја напуштил Швајцарија по 15 години престој. Само еднаш Ајнштајн изградил свој дом, во близина на Берлин, во местото Caputh. Прекрасен рурален регион со езеро, кој му овозможувал едрење, долги прошетки во шума и, едноставно, бегство од формалностите на социјалните настани во градот.
Интересна е приказната во врска со изградбата на оваа куќа. Во 1929 година, градоначалникот на Берлин повел иницијатива градот да му подари куќа на научникот во чест на неговиот педесетти роденден. Подоцна, подарокот е преиначен во обезбедување земјиште на кое градот ќе му изгради куќа. Но, како и да е, предлогот не наишол на одобрување од страна на национал социјалистите во градскиот парламет, па проценувајќи ја ситуацијата Ајнштајн доставил допис до градоначалникот во кој го информира дека се откажува од подарокот.
На тој начин, тој го пресретнува изјаснувањето во градскиот парламент, кое со оглед на претходните негодувања, неговото еврејско потекло и општата атмосфера на антисемитизам, било извесно дека ќе биде негативно.
Набрзо потоа, Ајнштајн самиот инвестира во изградбата и за краток период добива прекрасна резиденција, односно куќа од дрво во природа. За жал, по емиграцијата во САД во предвечерјето на Втората светска војна, тој никогаш повеќе не се вратил во Германија.
Во својот тестамент, побарал неговото тело да биде кремирано, и неговата куќа никогаш да не биде претворена во музеј. Второво било вистински предизвик да се реализира. Како да се сочува куќата, без да стане реликвија?
Еден од начините бил токму да се отстранат реликвиите. Реновирањето на куќата е реализирано во насока на зачувување на оригиналниот концепт, бои и чистотата на оригиналните материјали. Новиот мебел дизајниран од Hundertpfund специјално за оваа куќа е едноставен и функционален. Во сите простории, освен во бањата и кујната, ѕидовите се обложени со борово дрво. Има и реплика на работната маса на научникот, иако основната цел не била да се долови атмосферата на тоа време. Главната цел била да се долови отворениот и неформален дух на Ајнштај и на куќата во која живеел.
Се разбира, објектот не може да остане далеку од очите на јавноста, но, секако, исполнет е аманетот да не биде музеј.