Објектот, дизајниран за триесетгодишна жена и нејзината фамилија, е изграден на парцела со ширина од 4 м и длабочина од 21 м, во градот Хо Чи Мин, Виетнам, специфичен по изобилството од урбани и тесни структури распространети низ градското ткиво. Примарната желба на клиентите претставува реализација на максимално осветлен и отворен простор, исполнет со природна светлина и зеленило.
Домувањето во тесни а високи објекти, типично за виетнамското подрачје, се соочува со потешкотии при обезбедувањето на потребната природна светлина, како и вентилирањето, поради неможноста за поставување на отвори на страничните ѕидови и поради неопходноста од фиксирани преградни ѕидови, со цел да се обезбедат повеќе простории за престој. Затоа, главната тема при креирањето на овој објект е да ја истражи можноста за воведување на нов животен стил во Виетнам, во кој темните и невентилирани простори би се замениле со пријатни, осветлени и отворени.