Уметнички проект од македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски е изложен во демилитаризираната зона на границата помеѓу Јужна и Северна Кореја. Изложбата е дел од меѓународниот уметнички фестивал ДМЗ, на кој учествуваат повеќе од 60 уметници од 11 земји, меѓу кои Јапонија, Кина, Индија, Хонг Конг, Кореја, Германија, Канада, итн.
Тема на овогодинешното издание на фестивалот е „Соочување со другиот“. „Реалноста на националните поделби не` тера да се најдеме лице-в-лице, без оглед дали фокусот е физички или симболички.
Во средбата, се соочуваме со реалноста што е повеќе отколку само остаток од поделбата север-југ: тоа е длабоко отворена лузна што опстојува до денес. Соочувањето еден со друг е заради активно зацелување. Соочувањето со другиот мора да започне со признавање на другиот“, истакнува уметничкиот директор на фестивалот, Џуман Ча, во каталогот за изложбата.
Попоски се претставува со дигиталната графика „Конфликтот во Македонија однесе две жртви“, дел од проектот „Апстрактна политика“ (2009-2015).