Насловна / Ентериери / Улогата на славните дизајнери кои ја одбележаа зората на промените

Улогата на славните дизајнери кои ја одбележаа зората на промените

Кога се зборува за периодот на модерната архитектура и дизајн, а со тоа и за новите, во тоа време, трендови во дизајнот на ентериери, не може а да се пренебрегне улогата на славните дизајнери кои ја одбележаа зората на промените што се појавија на почетокот на 20 век.

Или поточно, нивните иконографски дела кои и до ден денешен без трунка патина учествуваат или како делови од просторниот дизајн или како неисцрпна инспирација на стотиците архитекти и дизајнери и во новиот 21 век.Куќа Пруве-02

Жан Пруве

Овие ремек-дела на модерната сè уште се произведуваат или како оригинални – лиценцирани или како безимени копии. Во Европа, една од фирмите што ги застапуваат правата на творците е компанијата за производство „ВИТРА“ од Швајцарија. На упатените им е познат и музејот, испроектиран од Херцог и Демерон, во чии простории се чува светското наследство во оваа област.

Но зошто „Витра“ ги произведува овие предмети кои биле замислени многу години наназад, е прашање кое би си го поставиле рационалните економисти или едноставно бизнисмени. Причината е едноставна, мисијата да се сочува ова наследство и да се продолжи со неговото производство е фундаменталната бизнис политика на компанијата што е посветена на современиот дизајн и го фаворизира развојот на нови производи за новото доба.002

Но, исто така, има производи од други времиња кои не изгубија ни трунка од својата слава и останаа современи и ненадминати. Таков случај е со делата на Реј и Чарлс Имс, Вернер Пантон или Џорџ Нелсон. Но делото на францускиот архитект и дизајнер Жан Пруве надвор од родната земја е непознато на пошироката публика.

Во „Витра“ сметаат дека, иако се случија неколку реизданија на неговиот мебел, дизајнот на Пруве никогаш не го добил вниманието што го заслужува. Ако делата на Реј и Чарлс Имс се произведуваат од дамната 1957 година, како најплодни и најавангардни дизајнери на новиот стил, Жан Пруве го сместуваат веднаш до нив, како втор значаен „конструктор“ на 20 век.

Standard stolica -2

Разликите помеѓу Пруве и Имс се сосема очигледни и можат да бидат припишани на соодветната технолошка клима во која тие работеле. Сепак, кога ќе се направи анализа на творбите на овие истакнати дизајнери, ќе се увиди сличен пристап и методологија.

Standard - stolica-01

Прецизните биографи и историчари на дизајнот велат дека во царството на дизајнот, архитектурата и инженерството, французинот Жан Пруве (1901-1984) зазема видно место помеѓу најразноврсните и најиновативните умови во дваесеттиот век.

Неговиот уникатен опус, кој бил почитуван од неговите влијателни современици, како што бил и Ле Корбизје, се протега од нож за писма до оков за врати и прозорци, од осветлување, мебел и фасадни панели до модуларни градежни системи и огромни конференциски и изложбени хали. Пруве, кој својата кариера ја започнал како бравар, денес се смета за еден од водечките пионери во развојот на сериското производство на мебел, но и префабрикувани архитектонски компоненти.Сите фотеља-01

Неговата работа како дизајнер, но исто така и како претприемач, и како произведувач (се до 1954 г. водел своја фабрика и работилница), е раководена од целта да изнајде модерни и нови решенија за проблемите во градежништвото, но и во секојдневниот живот на човекот.

Сите фотеља-01 Сите фотеља -02

На Жан Пруве, кој сам себе се сметал за конструктор, евидентно му е доделена значајна улога за формален придонес кон дизајнот. Примарната цел на неговиот дизајн и развојна работа била да ги спои аспектите на утилитарноста, автентичноста на материјалот и економичноста со комплексните предуслови за сериско производство. Во текот на процесот, тој скоро секогаш успевал да добие и естетски убедливи резултати, кои го објаснуваат неговото денешно значење, време кое се нарекува и ера на дизајнот. 001

Давајќи ја оваа оценка, не е тешко да се поверува дека бројни архитекти и дизајнери го вбројуваат Пруве како една од личностите под чие влијание се или биле, и кои ги инспирирал со единствениот творечки опус, се и Ренцо Пиано, Жан Нувел и Норман Фостер.

Дизајнерите на мебел знаат дека конструкцијата на столицата мора да ги задоволи најголемите физички барања. Рамката на седиштето не само што треба да го издржи притисокот на вертикалниот товар, туку исто така и различните динамички сили. Клатење, вртење и навалување се асиметрични движења кои ѝ се спротивставуваат на статичката моќ на столицата.

Нејзината структурална стабилност се мери во услови на еластичност, при што таа со својата форма ги амортизира ефектите на користењето, што резултираат во абење или, на крај, крш (лом) на материјалот – конструкцијата. Како резултат на дистрибуцијата на тежината во анатомијата на човекот, притисокот врз столицата е најголем во точката каде што таа ја носи тежината на торзото, а по правило тоа е на задната половина на седиштето.Потенс лампа-01

Ова значи дека задните ногалки на класичната четириножна столица го прима поголемиот дел од тежината на лицето што седи, и ја пренесува вертикалната сила на притисок врз подот. Се разбира, ова не е некое ново откритие во дизајнот и конструкцијата на седиштето, но ниту едно парче мебел не го демострира овој принцип толку јасно како „стандардната столица“ на Пруве. Таа дава впечатокот на апсолутна стабилност.

Додека тенките елементи на метални цевки соодветно одговараат на полесните барања на предната страна, задните ногалки се обликувани во широки шупливи волумени, за да го апсорбираат притисокот употребен на задниот дел од седиштето. Изгледот на профилот на задните ногалки, со нивната сличност со задебелениот дел на класичниот столб – ентасис, на местото каде се сече со седиштето, прецизно го илустрира примањето и проследувањето на товарот врз подот.

Текстилните седишта долго играле важна улога во историјата на мебелот, најчесто како декорација во вид на тапациран мебел. Меѓутоа, да претпоставиме дека, ако материјалот има функција да носи товар, особено да ја носи тежината на тој што седи, тогаш тој мора да биде ставен под тензија.Потенс лампа-02

Ова може да се постигне преку два различни начини: или со затегање на материјалот преку конструкцијата на седиштето, како навлечена точна чорапа, или материјалот се оптегнува помеѓу деловите на седиштето како оптегната мембрана. И двата концепти го рефлектираат принципот на висечка мрежа за лежење, каде што материјалот функционира како да е втора кожа на оној што седи. Седиштето ја следи контурата на телото до одреден степен, зависно од рамката и оптегнатоста на материјалот.

Фотелјата „Сите“ на Жан Пруве, изгледа како да има малку заедничко со класичната фотелја. На прв поглед личи на седиште од автомобил или авион. Ваквите асоцијации примарно им се припишуваат на карактеристиките на материјалот, но исто произлегуваат и од нејзината строгост и динамизам. Она што прво паѓа во очи се широките наслони за раце од челични плочи, меѓу кои се распнати кожни каиши.

Носечката структура е од челични цевки преку кои е оптегнат текстилот што континуирано се пренесува од седиштето кон наслонот. Конструирана навидум со едноставни методи и материјали, фотелјата „Сите“ презентира алатка за седење, способна да исполни различни функции. Корисникот ја прима оваа фотелја како еднакво соодветна за релаксирање, но исто така и за седење во други поформални услови.

Ѕидот го дефинира и ограничува просторот. Текстурата на неговата површина, материјалот и бојата влијаат врз квалитетите на атмосферата што ја креира. Ѕидот, велат, е сцена. На него се изложуваат предмети, слики, ламби, полици и многу други елементи. Обично, одреден предмет доста лесно се монтира на ѕид, само во неколку точки.

Затоа без траги може да биде и демонтиран. Таков предмет кој едноставно се монтира на ѕидот е ламбата „Потенс“ на дизајнерот Пруве, која во голема мера се користи во денешните ентериери од кои се бара современост, но и необичност. Елеганцијата на оваа конструкција лежи во штедливото користење на материјалот и во нејзината беспрекорна функционалност постигната со минимални средства: долга и тенка метална шипка  вертикално е заштрафена на ѕид. Челична сајла ја зацврстува шипката на чиј крај е поставена сијалица.

Целата конструкција е подвижна, со што се осигурува точната позиција во зависност од барањето на корисникот. Се придвижува рачно преку друга метална шипка која има дрвена дршка.

На крајот, ништо помалку познато дело не е ниту неговата сопствена куќа „Мезон Пруве“, од 1954 година. Структурата на куќата брзо и лесно се формира на основа на префабрикувани елементи  заради својата мала тежина, флексибилност, едноставност и практичност.

Кога ќе се додаде и фактот, дека за нејзината изградба не се потребни позначајни парични средства, заклучокот е дека ваквиот функционализам на Пруве манифестира реален конструктивен став ослободен од за него непотребни естетички грижи. Едноставниот шарм на неговите дела се длабоко убедливи, дека за добар дизајн не се потребни скапи елементи и високи цели, туку конструктивна логика и рационален метод на изработка.

проф.м-р. Мишко Ралев, Факултет за архитектура и дизајн при УАКС

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top