Најпрестижната архитектонска награда оваа година отиде во рацете на чилеанецот Алехандро Aравена, архитект кој во своите дела комбинира естетски дизајн со општествена цел.
Лауреатот Алехандро Aравена е 41. добитник на Прицкеровата награда, најпрестижната награда во областа на архитектурата. Тој е првиот чилеански и четвртиот добитник од Латинска Америка.
48-годишниот извршен директор на познатата архитектонска фирма Elemental, со седиште во Сантијаго, е познат по дизајнирањето на енергетски ефикасни објекти кои се во склад со локалната клима и сезонските промени. Објектите на Аравена се внимателно дизајнирани и ориентирани, така што ентериерите максимално изобилуваат со природна светлина. Неговата филозофија е најдобро претставена во едно од поновите дела – UC Иновативен центар, дел од Католичкиот универзитет на Чиле (Universidad Catolica de Chile).
Од идните проекти на Elemental се истакнува проектот за социјални станови кој се базира на идејата дека жителите, кои се претежно со послаба платежна моќ, ќе можат во согласност со своите идеи да ги уредуваат сопствените домови и нивните ентериери, а притоа да не го потрошат целиот свој капитал на самиот имот.
Од Фондацијата „Хајат“, генералниот спонзор на Прицкеровата награда, кажано е дека архитектурата на Алехандро Aравена е од особен интерес и исклучителна важност, бидејќи на луѓето со ниски приходи им дава можност за пристојно домување; неговите дела се сите по ред енергетски ефикасни и проектирани на начин да поднесат каков било вид на природна катастрофа.
Исто така, неговите објекти се иновативни и инспиративни, со што се докажува дека архитектурата може да го подобри секојдневниот живот на луѓето.
Официјалното доделување на Прицкеровата награда за 2016 година, ќе се одржи во седиштето на Обединетите нации во Њујорк на 4 април.
<iframe src=”https://player.vimeo.com/video/151588735″ width=”500″ height=”281″ frameborder=”0″ webkitallowfullscreen mozallowfullscreen allowfullscreen></iframe>