Човековата поврзаност со природата била, и е неизбежна супстанца за неговиот опстанок, така што уште во почетокот на неговата еволуција до ден-денес, тој настојува да ги приспособи природните дарови кон своите потреби. Во денешно време, постојат голем број начини на приспособување кон природните дарови за хармонија, и поголемо искористување. Во приспособувањето на просторот за задоволување на потребите на современиот начин на живеење, се повеќе се користат научни и традиционални методи, кои низ текот на времето се докажале со своето влијание врз човекот. Фенг шуи претставува древна кинеска метода на живеење во склад со енергијата на живата земја. Фенг шуи не претставува магија, а исто така не е ниту духовна дисциплина која има потреба од силна верба и убедување во делотворноста. Најдобро, фенг шуи, може да се опише како наука и може да се примени како уметност. Тоа е систем од техники и знаења, кои ако добро се проучат можат да се применат во просторот и опкружувањето.
СТРАНИ НА СВЕТОТ
Целата филозофија на фенг шуи се заснова на усогласување на боите, формата и видот на елементот (дрво, вода, метал, земја и оган ) во однос на страните на светот. Секоја страна од светот е претставена со по еден елемент на кој му одговара одредена боја и форма. Големите фенг шуи мајстори за одредување на страните на светот ја користат багуата, што е прилично сложена за употреба, па затоа е препорачливо за аматерите да користат стандарден компас.
Секоја страна претставува и одредена бројка. Бројот еден е север. Северот ја претставува водата, затоа на северната страна треба да се подигаат водни површини (водотек, водоскоци, бари, езерца, водопади ). Бојата на северот е темносина и виолетова. Видови кои одговараат на оваа страна се: Echinacea purpurea, Rosmarinus officinalis, Lavandula angustifolia, Thymus serppyllum, Passiflora sp.,Geranium macrorrhizum, како и видови кои успеваат во вода како Nymphaea spp. Доколку на север се постават видови со црвена боја (бојата на огнот ), тие нема да претставуваат проблем бидејќи водата го гаси огнот.
Југозападот е претставен со бројот два. Елементот е земја, формата квадратна, а боите за оваа страна се сите земјени бои. Во овој дел, може да се подигне камена градина (алпинетум). Видови кои можат да се користат на југозапад, освен белата (бојата на металот), се сите без разлика на бојата и формата, вклучувајќи ја и бојата на водата до 2024 година.
Истокот е претставен со бројот три. Елементот е дрво, бојата е светлосина, а обликот е исправен правоаголник. На исток може да се користат сите бои и форми, кои ги претставуваат водата, земјата и дрвото.
Бројот четири е југоисток. Формата и елементот е ист како кај истокот, а бојата е светлозелена.
Центарот е бројот пет. Елементот е земја, а бојата е боја на сите земјени бои, додека формата е квадратна. Сите елементи се спојуваат во центарот.
Северозапад е бројот шест. Елементот е метал, обликот е круг, а бојата е бела и сите останати метални бои. Во северозападниот дел од градината може да се постават метални елементи.
Седум е запад. Обликот, бојата и формата е иста како и северозападот, со тоа што тука можат да се користат и боите и формите на југот и југозападот.
Североистокот е под бројот осум. Исто како и југозапад и центарот е земја со истиот облик и бои. Видови кои се погодни за земјените страни се: Liriodendron tulipifera (листопаден вид, со жолт цвет преку целата вегетациона сезона), Acer palmatum „sango kaku“, Forsythia sp., Rudbeckia spp....
Југот е бројот девет. Боите на југот се сите бои на огнот (црвената, портокаловата и виолетовата ), а обликот е рамностран триаголник со врвот нагоре. Видови кои добро би се вклопиле на југ: голем број на вариетети на јапонскиот јавор како Acer palmatum „atropurpureum“, Acer palmatum „bloodgood“, потоа видови како Berberis thunbergii „atropurpurea“, Albizia jullibrisin, Camelia spp.
ЗЕН ГРАДИНИ
Многумина овие градини ги поистоветуваат со зен градините. За разлика од градините уредени по фенг шуи, зен градините се традиционални јапонски градини составени од камен, карпи и чакал, кои претставуваат вода и острови, вклучувајќи ниски џуџести видови на дрвја и грмушки.
Употребата на фенг шуи во Македонија во поново време е тренд и се почесто се користи во уредувањето, пред сè во ентериерот, додека во уредувањето на градините сè уште е реткост.
(Во една од следните статии ќе бидат презентирани елементите на малата парковска архитектура, кои се погодни за уредување со фенг шуи техниката)