CNN открива некои од најфасцинантните, најскапи и нај(не)потребни објекти кои ќе бидат отворени во 2016 година. Кога се во прашање големите настани во 2016-та, а кои се однесуваат на отворање на импозантни објекти од културно, економско и спортско значење, листата ги содржи следните девет мегаломански проекти. Нивната вредност се движи од „само“ неколку десетици милиони, до неверојатни милијарди евра.
Dubai Parks & Resorts (Обединети Арапски Емирати)
Иако срцето на пустината е малку веројатна локација за отворање на тематски забавен парк, токму тоа ќе се случи на површина од околу 2,3 милиони квадратни метри територија во малата арапска монархија. Dubai Parks & Resorts ќе биде климатизиран центар за забава, кој ќе ги претстави темите од холивудските и боливудските филмови, а отворањето е закажано за октомври. Инвеститорите очекуваат 6,7 милиони посетители годишно, кои би требало да уживаат во стотиците разни атракции.
Disneyland (Шангај, Кина)
Оваа година на брегот на Кина за првпат ќе стапнат цртаните ѕвезди на Волт Дизни, во склоп на првиот Дизниленд во оваа азиска држава. Комплексот, чија градба вреди пет милијарди евра, ќе содржи шест тематски делови, а некои од нив се Tomorrowland и Fantasyland. Поминаа повеќе од 10 години откако компанијата „Волт Дизни“ го отвори Дизниленд, а неговото шангајско издание се планира да привлече помеѓу пет и 10 милиони посетители годишно.
FIFA – Музеј на фудбалот (Цирих, Швајцарија)
Објектот вреден 163 милиони евра би требало да стане дом на 1.000 ексклузивни изложби и поставки посветени на фудбалот, како и најголемата светска колекција на книги за најважната споредна работа на светот. Некои од содржините, кои посетителите ќе можат да ги видат во Музејот на фудбалот, немаат некоја голема врска со креативноста. Имено, се работи за џиновска машина за флипер и кино кое ја генерира атмосферата на фудбалските стадиони. Во срцето на музејот ќе се наоѓа трофејот на Светското првенство.
SFMOMA (Сан Франциско, САД))
SFMOMA (San Francisco Museum of Modern Art) ќе биде најголем музеј на модерната уметност во САД. Отворањето е закажано за 14 мај. Зданието од 10 ката ќе содржи Национален центар за фотографија, заедно со 260 дела од колекцијата на Fisher и над 600 други наградувани фотографии. Се планира музејот да стане витален општествен и културен центар на Калифорнија.
Ark Encounter (Кентаки, САД)
На списокот се најде и еден парк со религиозна тематика, и тоа онаа што навлегува во рамките на креационизмот, т.е. уверувањето дека планетата Земја не е постара од 6.000 години. Имено, на 7 јули ќе биде отворен тематски парк во кој ќе се наоѓа реплика на Ноевата арка. Проектот чини 85 милиони евра.
Doha Festival City (Катар)
Минијатурно село на површина од 240.000 квадратни метри, со околу 550 продавници, 100 угостителски објекти и ресторани, еден хотел и два забавни паркови, ќе биде отворено во септември како дел од туристичката понуда за Светското првенство во фудбал 2022. Селото ќе има и патеки за скијање, при што со сложен систем вештачки ќе се одржуваат климатските услови.
Darling Harbour Live (Сиднеј, Австралија)
Сиднејското пристаниште Darling се преобликува, а новото отворање е најавено за декември 2016. Проектот на ревитализација ќе го донесе најголемиот конгресен и изложбен центар во Австралија, како и еден центар за настани на „црвен килим“. Во склоп на Darling, Сиднеј ќе добие и луксузен хотел и урбан дистрикт под името Darling Square.
Музеј на Палестина (Западен Брег, Палестина)
Се издига на скалест рид северно од Ерусалим, а неговата изградба чини околу 27 милиони евра. Се работи за музеј кој се протега на површина од 40.000 квадратни метри, а кој ќе биде посветен на палестинската уметност и култура. Отворањето на овој објект е планирано за 15 мај.
Louvre Abu Dhabi (Обединети Арапски Емирати)
„Само“ 485 милиони евра е цената што ја плати Абу Даби, со цел името „Лувр“ да се доведе во врска и со ОАЕ, а не само со Париз и Франција. Уште 690 милиони евра ќе чини позајмувањето на уметничките дела и водењето на новиот музеј. Арапскиот Лувр ќе се простира на површина од 6.000 квадратни метри, додека самата зграда е дизајнирана од Жан Нувел.