Египетскиот министер за антиквитети, Мамду Ал Дамати, најави план за заживување на проектот за изградба на подводен музеј во пристаништето Кир во Александрија, кој како идеја почнал да се разгледува уште во 1996 година. Музејот не само што ќе ги претстави поплавените антиквитети на јавноста, но, исто така ќе го заштити и целиот локалитет од загадување и од бродските сидра, пишува Smithsonian Magazine.
Проектот за подводниот музеј е направен од страна на францускиот архитект Жак Роже, и тој предвидува изградба на тунел од фиберглас на морското дно на длабочина од околу шест метри.
На дното на морето во Александрија се наоѓаат околу 2.500 потопени реликвии вклучувајќи и масивни камени блокови, за кои се верува дека потекнуваат од светилникот Фараос кој со своите 137 метри висина се смета за едно од седумте светски чуда на антиката.
Меѓу поплавените реликвии се наоѓаат и остатоци од палатата на Клеопатра VII.
Проектот нема да го финансира египетската влада, туку приватни фондови, вклучувајќи и бројни кинески корпорации коишто веќе помагаат во обновувањето на египетската инфраструктура.