Насловна / Вести / Германија ги затвора рудниците за јаглен

Германија ги затвора рудниците за јаглен

Rudnik za jaglen Germanija

Престана со работа и еден од трите преостанати рудници за јаглен во Германија, „Аугусте Викториа“ во Марл, по 116-годишна експлоатација. За производство на струја Германија ќе користи исклучиво јаглен од увоз. Одамна поминаа времињата кога јагленот имаше сјај на злато. Кон крајот на 50-тите години на минатиот век, во Германија имаше 153 рудници за камен јаглен со повеќе од 600.000 рудари, а годишната експлоатација изнесуваше 125 милиони тони. Токму оваа индустриска гранка имаше значителен удел во подемот на германската економија. Но, веќе во наредната декада започнува  затворањето на дел од јагленокопите.

Rudnik za jaglen Germanija3

Целокупната рударска опрема и машини и од последниот затворен јагленокоп ќе биде понудена на продажба, како што беше и претходно случај со опремата на рудниците што беа затворани. Интересенти за нив од странство има доволно – Турција, Полска, Чешка, Русија и Украина се главните клиенти. Германското ноу-хау, како и производите на германската машиноградба наменети за рудници, се барани во светот независно од тоа дека земјата се откажува од натамошна експлоатација на јаглен. Денес, производителите на машини и опрема за рударството со извоз остваруваат 90 проценти од вкупниот годишен промет, кој изнесува повеќе од четири милијарди евра.

Rudnik za jaglen Germanija2

Политичкото решение Германија да ја напушти експлоатацијата на јаглен беше донесено во 2011 година, а со затворањето на рудникот „Аугусте Викториа“ започнува финалната фаза. Последните два рудници ќе бидат затворени во 2018 година. Германија и натаму ќе користи јаглен за производство на електрична енергија. Уделот на електрична енергија добиена од јаглен во Германија изнесува 18%. По затворањето на преостанатите два рудници во 2018 година, целокупните потреби од јаглен Германија ќе ги обезбедува од увоз. Тој сега изнесува просечно околу 50 милиони тони годишно. И тоа ќе потрае, оти во 2022 година дефинитивно треба да бидат исклучени од погон и последните атомски централи, а за комплетен премин кон користење енергија од обновливи извори треба уште време.

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top