Вчера во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет се одржаа две предавање во еден блок на професорите Владан Ѓокиќ и Зоран Лазовиќ од Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград.
Настанот беше отворен од страна на деканот на Архитектонскиот факултет во Скопје, професорот Минас Бакалчев, кој присутните со неколку збора ги запозна со биографиите и професионалните активности на гостите од Белград, истакнувајќи дека ваквите гостувања и контакти се одлична можност за зајакнување на врските и соработката меѓу двата факултета.
Во своето предавање насловено Architecture Education Efforts, Faculty of Architecture, Belgrade (2006-2015), проф. д-р Владан Ѓокиќ, инаку декан на Факултетот за архитектура во Белград, зборуваше за развојната состојба на факултетот во последните десет години, за позитивните и негативните искуства од воведувањето на Болоњскиот процес во високообразовниот систем, за трансформацијата и реконструкцијата на студентската програма, следејќи ги моделите на Европската високообразовна област (EHEA), за искуствата од меѓународните студентски размени и интензивните соработки со факултетите за архитектура и дизајн од светот, за меѓународните конференции, искуствата со „визитинг“ професори…
Професорот Ѓокиќ истакна во својата презентација дека на Факултетот особено во последните години се негува креативноста и уметничкото во архитектонското планирање, односно важноста и улогата на креативните и архитектонски работилници, тематските изложби на коишто се презентираат проекти од дипломските и мастер студии како и издавањето на годишни публикации и секако, докторските студии како важен научен аспект во креирањето на теорискиот и методолошкиот дискурс од архитектонската област.
За тоа колку Факултетот за архитектура во Белград во последните десет години има направено во развојна и позитивна смисла во студирањето зборува и податокот дека овој факултет е ставен на листата на престижното списание Domus (објавена како специјален додаток во декемврискиот број на Domus Guide 2015) на 100 најдобри образовни институции во Европа од областа на архитектурата и дизајнот – Europe’s Top 100 Schools of Architecture and Design.
Второто предавање му припадна на Зоран Лазовиќ, проф. д-р на Архитектонски факултет при Универзитетот во Белград на тема Architecture & Transitions, Belgrade (2000-2015). Професорот Лазовиќ на почетокот истакна одредени актуелни сличности на Белград со Скопје, особено во однос на најновите архитектонски и градежни случувања, за да потоа преку презентација на слајдови и стари фотографии ја презентираше урбаната морфологија на Белград во последниве неколку децении од периодот на транзиција, која според него, „трае 200 години, а не 20 години“.
Тој ја претстави развојната урбанистичка историја на Белград почнувајќи од крајот на 19 век, преку појавата и растот на Нов Белград како нова идеолошка и модерна архитектонска матрица на метрополисот, урбаниот и архитектонски пејсаж секогаш поврзан реките Дунав и Сава, времето на градењето на големите станбени блокови во втората половина на 20 век, па се` до актуелните состојби на современиот и урбан Белград.
Професорот Лазовиќ во таквиот историски приказ посебно се осврна на процесот на ширењето на Белград и неговата околина, појавата на нови недефинирани и неурбанизирани делови од метрополисот, за архитектонските чиреви како што се неверојатно „инвентивните“ надградби „поголеми и повисоки од самите градби“ во центарот на Белград, за последиците од бомбардирањето на Белград во 1999 година, за девастацијата на значајни објекти, за актуелните судбини и случувања со „Старо сајмиште“, „Старата шеќерана“, филмскиот град „Авала“, Славија, за реновирањето и пренамена на стари и напуштени објекти во културни и атрактивни простори во градската населба „Савамала“ како што е „Миксер Хаус“…
Во последните години, како што истакна професорот Лазовиќ, Белград како и другите градови од овој регион стана „мека“ за големите трговски шопинг центри, за хотелскиот бум, за корпоративниот дизајн и таквите стереотипови…
На крајот, професорот се осврна на нереализираните архитектонски проекти во однос на Белград од последната деценија, зад кои како автори и бироа стојат и имиња како што се Заха Хадид, Даниел Либескинд, и секако на најновиот контраверзен проект „Белград на вода“ вреден 3,5 милијарди евра, којшто е во фаза на градење.
Фото: Ангел Ситновски, дипл.инж.арх.