Време е на интензивна глобализација и (пре)брз техничко-технолошки развој. Границите на можностите секојдневно се поместуваат. Границите на желбите уште повеќе. Трката по профит станува сè посурова и побескомпромисна. Приливот на огромен број информации сè потешко може да се следи и обработи, квалитетно да се контролира и детално да се анализира. Притисокот врз човекот и неговата животна околина станува сè поголем. Животот добива опасно забрзување.
Скопски „надреализам“
Овој тренд неумоливо го зафати и нашиот регион. Имајќи ги предвид неговата довчерашна состојба, сложеното историско наследство, како и специфичната културолошка матрица, може да се каже дека регионов се најде затекнат пред своевидна крстосница.
Од една страна, економска и стопанска заостанатост, научно-технолошка инфериорност, (пре)долга транзиција од еден покомотен општествен систем во друг, сосема поинаков, урнисување на општествениот и личниот морал, извитоперен систем на вредности, а од друга страна, желбата и потребата да се оди во чекор со развиениот свет, да се следат современите достигнувања, новите технологии, едноставно, да се избори опстанок во овој суров свет.
Градежништвото е прва жртва на секоја општествено политичка криза. Така беше и на почетокот на осумдесеттите кога почна да се наговестува слободниот пад на оваа значајна стопанска гранка. Инфлации, девалвации, немаштии, војни, бегалци, приватизации… Замираат инвестиции и значајни инфраструктурни проекти, а со нив и потребата од квалитетен инженерски кадар и современи технологии. Се распаѓаат градежните гиганти, цената на инженерскиот труд вртоглаво паѓа на понижувачко ниво, стекнатите знаења и искуства неповратно се губат, инженерската етика се распродава за бадијала, интересот за изучување на струката опаѓа, образованието доживува целосен крах. Царува импровизацијата.
Од ваква подредена појдовна положба, градежништвото се обидува да се приклучи кон оние што во периодот на нашата деградација (не само стагнација) постигнаа значителен развој. Кон оние што претходно и по знаење и по вештини каскаа далеку зад нас, за да сега, во најдобар случај, бидеме само нивни потценети подизведувачи, послушни ученици на стручните собири или придружна, облигаторна квота во поголемите научно-истражувачки проекти. Инфериорна регионална лига на европската градежна елита.
И, додека ние сè уште се занимаваме со основни ,,животни“ прашања како воспоставување контрола на (не)квалитет, (де)регулација на пропишаните процедури, (не)решавање на познати детали, нова (де)стандардизација и сл., развиеното градежништво е веќе заплиснато со некои нови (понекои помалку и ларпурлартистички) трендови кои звучат модерно, бомбастично, ,,in“: енергетска ефикасност, трајност, доверливост, робустност, одржливост, животно ориентирано проектирање… Целите се сè повисоки, предизвиците сè поголеми, критериумите построги.
Дали е можно брзо и успешно присоединување кон овие современи текови? Дали е тоа воопшто можно после долготраен кризен период низ кој беа поткопани темелите на општествената и лична надоградба. Период во кој свеста е опсесивно опседната со еден единствен клучен збор – опстанок.
ОДРЖЛИВОСТА КАКО (НЕ)ВОЗМОЖНА МИСИЈА
Терминот ,,одржлив развој“ станува сè поприсутен. И покрај тоа што не постои единствена и општо прифатена дефиниција, најчесто тој се споменува како развој кој треба да овозможи задоволување на денешните потреби, без притоа да го доведе во прашање задоволувањето на потребите на идните генерации, односно, развој кој подразбира рамнотежа помеѓу потрошувачката на ресурси и способноста за обновување на природниот систем. Оттаму, одржливиот развој најчесто се доведува во врска со заштитата на животната околина.
Одржливоста како пресек на повеќе множества
Сето ова звучи многу убаво и покрај тоа што неизбежно потсетува на ,,секому според потребите“, постулат на едно општествено уредување кое во западната цивилизација, а од неодамна и на овие простори, беше ан блок прогласено за неодржливо. Можен ли е воопшто еден ваков хуманистички пристап во светот на денешниов неолиберален casino капитализам, кој профитот го има за свој главен и единствен мејнстрим? Дозволува ли хипокризијата, врз која за жал почива светскиот поредок, исполнување на овие возвишени цели? Може ли регионот, онаков каков што е, после повеќедецениското назадување, грчевито борејќи се за опстанок во сегашноста, возвишено да размислува за иднината?
Лисабон „Ориенте“, 1990-1998 година
ОДРЖЛИВОСТА НИЗ ГРАДЕЖНИШТВОТО
Градежништвото како стопанска гранка е можеби најдиректно поврзано со целите на одржливиот развој. Пред сè, преку заштитата на животната околина, редукцијата на емисија на штетните гасови при процесот на градење и во производството на градежните материјали, рециклирањето на отпадните материјали, пречистувањето на водата, редукцијата на буката, хуманиот урбанизам, енергетската ефикасност и др. Како предуслов, сето ова подразбира средено општество, економска моќ, високо развиена свест, квалитетно законодавство, современа стандардизација, добра едуцираност, вложувања во истражувања, големо знаење… Антитеза на актуелните состојби.
Законска (де)регулатива
Добрата законска регулатива претставува основа за правилно насочување на развојот на градежништвото. Секоја задоцнета реакција, особено онаму каде доаѓа до промена на општествениот систем и на титуларот на сопственоста, создава услови за одредени девијантни појави и не ретко доведува до приспособување на законските решенија на интересите на поединци или групи. Еднаков е и ефектот од бројни, набрзина усвоени дополни и измени, кои создаваат чувство на нестабилност и неконзистентност.
Нестандардна стандардизација
Стандардизираноста е гаранција за квалитет. Усвојувањето на европските стандарди се покажува како ни малку лесна и едноставна задача. Особено кога се работи за мали држави со скромни материјални и човечки потенцијали. Во моментов сме, може да се каже, во некаков стандардизациски расчекор кој создава сериозни проблеми, особено при реализација на позначајните инвестиции. Имено, сè уште важечките правилници не се повикуваат на веќе усвоените европски стандарди, туку на оние старите што формално се надвор од употреба. Случајот со еврокодовите може да послужи како архетипски пример.
Непочитувањето на пропишаните стандарди и недоволно изградениот систем на контрола, доведува до нелојална конкуренција на пазарот, потфрлање во квалитетот на производите и како резултат на сè, до редукција на сигурноста, трајноста и употребливоста на градежните објекти. Производството на бетон, пропратено со начинот на негова (не)контрола е можеби најкарактеристичен доказ за наведеното.
Деконструкција на природата
Неконтролираното, најчесто конценсионерско уништување на цели брда, и тоа во близина на населените места и покрај главните патни правци, пропратено со густи облаци прав и вознемирувачка бука, резултира со трајна промена на географијата и пореметување на воспоставената еко рамнотежа. Моќта и интересот на приватниот капитал се покажаа појаки и од природниот камен.
Неконтролирано пореметување на природната рамнотежа
Истовремено, непочитувајќи ги природните а ниту правните закони, животната околина безмилосно се силува, загадува и самоубиствено узурпира. Никнуваат бесправни градби на критични локации прераснувајќи во потенцијална опасност по безбедноста на луѓето.
Ризична градба на несигурни и неодржувани локации
Нехуман урбанизам
Урбанизмот, како зачетник и своевиден регулатор на процесот на градење, од мултидисциплинарна, сериозна и крајно одговорна дејност, полека се претвора во моќно транзициско средство за исполнување желби, интереси, фрустрации… Сè повеќе дејствува во духот на олимпизмот: ,,повисоко, поголемо, посилно“ – уништување на просторот. Се редат објекти без ред, еден до друг, еден врз друг. Единствен критериум за квалитет станува степенот на исполнување на желбите на нарачателот. Просторот се дехуманизира. Уништува засекогаш.
Дехуманизиран урбанизам
Импровизацијата како стил
Ниски цени, нелојална конкуренција, куси рокови, јавашлак, импровизација… Проекти, ревизии, контроли и надзори кои стануваат форма без содржина. Недостаток на знаење, самокритичност, одговорност, сериозност. Секој може сè. Храброст темелена на среќа. Резултат – небезбедни градби.
Дефицит на знаење – суфицит на импровизација
Градење врз среќата како фактор
Енергетска полу-ефикасност
Енергетската ефикасност (се разбира со право) сè повеќе се спомнува во современото градежништво. Наеднаш се појави плејада ,,врвни“ експерти од оваа област. Се нудат материјали, анализираат решенија, нижат приказни, пренесуваат ,,долгогодишни“ лични искуства, за на крај сè да се сведе на дилемата: стиропор од 5 или 10 см. Ретко кој ги спомнува пожарната отпорност, трајноста, правилната монтажа. Важно е задоволување на формата. А потоа…
Енергетска полу-ефикасност
Анти – детал
Велат дека убавината е во деталите. Добро решениот и изведен детаљ има големо влијание не само врз естетската компонента на градбите, туку и врз нивната трајност, употребливост и носивост. На нивната одржливост. За добар детал потребни се знаење, информираност, посветеност, сериозност, време.
Анти –детал
ДРУГИТЕ СМЕ НИЕ
Одржливоста е процес кој е во директна корелација со развојот на општествената свест, етичките норми, степенот на знаење и сл. Нашиот регион сè уште се наоѓа во период на бесконечно мачна транзиција низ која исчезнаа бројни, макотрпно градени придобивки во областа на градежништвото. Се покажа дека беспоштедната трка по сè поголем профит, особено во де-регулирани средини, е обратно пропорционална на степенот на одржливост.
Потребно е сериозно ресетирање во овој значаен стопански сектор. Почнувајќи од законската регулатива, стандардизацијата, ригорозната контрола на квалитетот, промена на свеста, па сè до мошне битното прецизно и самокритично позиционирање на скалилото на знаење, проследено со почесто говорење во прво лице. Само така можат да се создадат реални, а не само декларативни предуслови за правилно насочување кон процесот на одржливост и целосно прифаќање на современите цивилизациски вредности.
проф. д-р Горан Марковски