Во почетокот на ноември, на југоистокот од Бразил пукна брана која ги задржувала отпадните води од рудник за железо и предизвика истекување на минералниот отпад. Токсичното цунами буквално потопило едно цело село, при што загинале најмалку 17 луѓе. Глетката била застрашувачка, црвената тиња го прекрила целото село и потполно го уништила.
Но, светските медиуми веќе вториот ден по овој настан, престанаа да го следат развојот на ситуацијата, и се префрлија на актуелните случувања во Париз, Сирија, Москва и Анкара, па помалку и незабележано помина веста дека отровната тиња го продолжила својот пат до Rio Doce, една од најважните реки во Бразил која се влива во Атланскиот Океан.
Стотици илјади луѓе речиси се помириле со судбината дека ќе мора да се отселат што подалеку, бидејќи ќе помине доста време додека повторно се создадат услови за квалитетен живот.
Отровната тиња не е погубна само за луѓето, туку и за растителниот и животинскиот свет. Големата количина на отпад довела до промена на водните текови и струи, драстично менувајќи го екосистемот, а тињата со оглед на фактот што обилува со железо, на крајот ќе се стврдне до смеса слична на бетонот и ќе го уништи растителниот свет… А кога тињата ќе стигне до океанот, тогаш ќе настане вистинска еколошка катастрофа, една од најголемите во историјата.