По осум месеци од реновирање, музејот Biesbosch во холандскиот град Werkendam повторно е отворен за посетители… , овој пат и на покривот.
Музејот посветен на природата и на регионот во кој се наоѓа, е опкружен со вода од сите страни. Како мал рид, реновираниот музеј се издига над пејзажот правејќи ја глетката необична. За реконструкцијата на музејот била задолжена холандската фирма Studio Marco Vermeulen, по чија интервенција веќе музејот го посетиле 30.000 посетители.
Појдовна точка во процесот на реконструкција била идејата да се задржи оригиналната хексагонална структура, со цел да се избегне непотребно губење на материјали и енергија. Исто така, една од основните ставки била и надоградба на анексот на југозападната страна.
Најатрактивниот сегмент на музејот е секако зелениот покрив, на кој има пешачка патека која води до видиковец, кој гледа на околниот парк. Фасадата и покривот, кој во голем дел е покриен со зеленило, го „крши“ големиот стаклен ѕид кој отвора поглед кон внатрешноста на музејот.
Анексот на музејот има стаклена фасада зад која се крие нов, музејски ресторан со фантастичен поглед на островот и околната водна површина.
Освен ресторанот, во новиот дел на музејот постои мултифункционален простор кој се користи првенствено за повремени изложби.
Постојаната поставка е поставена на местото на некогашниот шестоаголен павилјон.