Жителите на населбата „Пролет“ имаа средба со градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, како и со стручните служби.
Жерновски им соопшти дека општина Центар донесе решение за отстранување на дивоизградената перална и дел од урбаната опрема на кафеаната „Лезет“ и дека има отстапка од 110 м2 од дозволеното одобрение за градба.
Жителите на овој дел од Центар се жалат и на бучавата од кафеаната, за што добија ветување дека ќе се изврши мерење и ќе се постапи согласно прописите.
На клучката на булеварот „Никола Карев“ со улицата „Мирче Ацев“, кај основното училиште „11 Октомври“, се вози многу брзо, има многу сообраќајни несреќи и загрозена е безбедноста на учениците и на граѓаните. Затоа подолг период бараат поставуање на семафор. Општина Центар неколку пати се обрати до Град Скопје, со цел решавање на овој голем, безбедносен проблем, бидејќи булеварот не е надлежност на општината, но досега нема никаков одговор.
На средбата се разговараше и за новиот Детален Урбанистички План, избрана е фирмата која ќе го изработи и почната е процедурата за планирање, која треба да заврши за дваесеттина дена.
Во ДУП-от ќе биде предвидено приземје + 5 ката + поткровје, со што овој простор ќе стане атрактивен. Инвеститорот, кој ќе биде избран во согласност со граѓаните, ќе треба да стави енергетски-ефикасни фасади, лифтови и да ги смени цевките и инсталациите.
Овие згради во „Пролет“ се изградени 1948 година и затоа ИЗИС треба да изготви соодветен елаборат за надградбите.