Насловна / Вести / Заврши археолошкото истражување на театарот Скупи

Заврши археолошкото истражување на театарот Скупи

скупи

Целосно е завршено археолошкото истражување на гледалиштето и на сценската зграда на театарот во Скупи, што беше реализирано во последните три години, период во кој се пронајдени околу 8500 вредни артефакти.

Како следна фаза, почна реконструкцијата и конзервацијата на сценската зграда на овој најголем антички театар, кој има капацитет од околу 9000 места.

Со динамиката на реализација на планот за реконструкција на театарот се запозна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која го посети археолошкиот локалитет Скупи заедно со директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ и со останатите директори и стручни лица надлежни за локалитетот.

– Во изминатите три години, додека се истражуваше, пронајдени се околу 8500 вредни артефакти од најразлични периоди вклучувајќи го римскиот, античкиот, средновековниот период итн. Можевме да видиме голем број монети, керамички предмети, камена пластика. Сиве овие предмети, вредни артефакти, планираме да бидат изложени на изложба која ќе се одржи на крајот од годинава или во почетокот на следната година – рече Канческа-Милевска.

Во врска со почнувањето на реконструкцијата и конзервацијата на сценската зграда на театарот Скупи, министерката нагласи дека фирмата која била избрана од страна на Управата за заштита на културното наследство веќе ги започнала градежните работи. Таа појасни дека рокот за завршување на сценската зграда, каде што ќе има конзервација и дел реконструкција, е шест месеци, така што тие активно почнуваат да работат и изрази надеж дека ќе го запазат рокот.

Исто така, министерката потенцираше дека театарот во Скупи со капацитет до 9000 седишта ќе биде од голема важност и за реализација на голем број културни манифестации, а со својата историска и археолошка вредност ќе има можност да привлече голем број туристи.

скупи1

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ истакна дека античкиот театар во Скупи е најголемиот театар во Република Македонија и по финалната реконструкција ќе биде единствен објект не само во земјава туку и пошироко.

– На овој простор при ископувањата се откриени остатоци од најстарото живеалиште тука, гробови од архајскиот период, најстарите жители на скопскиот регион што биле пајонските агријани, потоа имаме изградба на театар во вториот век од новата ера – времето на римскиот цар Адријан и тој егзистира до доцната антика – четврти, петти век веќе се урива со истекот на времето. Наодите што се откриени досега ценам дека се вистински културен трезор – рече Лилчиќ.

Тој додаде дека станува збор за повеќе илјади наоди кои ќе ги претстават на годишната изложба за 2015 година во декември.

Испрати коментар

Scroll To Top