Трансформацијата на индустриските простори не е некоја новина. Во светот има многу примери на индустриски зони, кои ја изгубиле својата намена, да се реурбанизираат и да станат места-градски центри во кои што ќе бидат вградени сите обележја на еден современ, модерен, па дури и луксузен живот. Во еден од минатите вроеви на Порта3 пишувавме за различните видови на трансформација на запуштени индустриски простори.
Просторот помеѓу станбените згради B и C
Во овој број ви удиме еден конкретен пример, како индустриска зона во швајцарскиот Цирих, прераснува во модерна област за живеење. На сето тоа му претходеле дебати, разговори, преговори, со учество на државата, стручната јавност, бизнис заедницата, граѓанските здруженија. За на крај да се донесе одлука за реурбанизација. За разлика од кај нас, каде што за урбанизацијата и реурбанизацијата се разправа во теснни кругови, далеку од очите на стручната фела и граѓаните. Порта3 и во идните броеви ќе ви претстави вакви и слични зафати, а ќе се обиде да обработи и македонски примери на реурбанизација.
Областа Цирих – запад се протега западано од центарот на Цирих, помеѓу реката Лимат, железничката пруга и полињата што се граница и крај на градот Цирих. Областа Цирих- запад почнала да се оформува пред околу 200 години, како дел од градот Цирих. Од 1912 година прераснува во индустриска област т.н. Цирих Запад или Цирих 5.
Воден базен во центарот на паркот „Фингстваид“
Годините помеѓу 1890-1966 се најславните години за тешката индустрија. Се произведуваат машини по високи стандарди, кои им овозможуваат на големите индустриски сили да го колонизираат светот со своите производи и да остваруваат големи профити.
Цирих Запад односно Цирих 5 станува киклопот на индустриската ера во Цирих, но и во Швајцарија. Крајот на индустриската ера и многуте економски кризи придонесуваат да се затворат голем број индустриски и производствени објекти, а со тоа се влошува и социјалната структура во индустриската област Цирих – запад. Индустријата не е веќе тоа што била пред 1966 година.
Станбена зграда „Фингстваид“ B
Центарот на Цирих сега е во близина на раселената и напуштена индустриска област Цирих – запад. Деиндустријализацијата во Швајцарија остава 400 км2 изграден простор, но веќе неупотреблив. Што со овој простор денес, а и во иднина? Тоа е прашање кое си го поставувале градските власти во Цирих, а решението е голем предизвик и за нив. Градските власти на Цирих набрзо по пропаѓањето на индустриската облaст Цирих-запад започнуваат процеси на анализирање, проценки и валоризации на областа, за сите изградени објекти и инфраструктура.
Одржани се многу дебати, форуми, разговори, преговори, кои ги иницира и организира градот Цирих заедно со сопствениците на имотите и земјиштето во Цирих- запад, а потоа е вклучена и пошироката стручна јавност, претставници на политичките партии, претставници од бизнис заедницата, претставници од државните служби и претставници од други граѓански здруженија. Проценето е дека напуштената индустриска област Цирих Запад е голем потенцијал за идниот равој на градот.
Станбени згради „Фингствајд“ B и C
Решено е поранешната индустриска област Цирих – запад да се реурбанизира со мешавина од повеќе различни намени на просторот, а се очекува реурбанизацијата понатаму да го поттикне развојот на оваа напуштена област. Новите планирани намени се: дизајн и медиумска сцена, забава и култура, гастрономија и хотелиерство, урбано домување, спорт и занаети и нови бизниси кои заедно треба да формираат една нова атрактивна област во градот. Од индустриска област, реурбанизацијата треба го трансформира просторот во луксузна област.
Парк „Фингстваид“
За таа цел, пред да започне реурбанизацијата на поранешната индустриска област Цирих-запад, направен е и усвоен Концепт за развој со развојни цели од страна на Градот Цирих заедно со сопствениците на имотите и земјиштето во индустриската област, и другите претставници од различни целни групи. Концептот за развој е објавен во 2000 година. Тој е усвоен и е основна рамка за натамошната реурбанизација на индустриската област. Во реурбанизацијата на оваа област, сите учесници треба да ги почитуваат позитивната законска регулатива за планирање на просторот и принципите од усвоениот Концепт за развој на поранешната индустриска област Цирих–запад, неговите насоки и цели, а тоа се:
– Просторот да се планира за различни дејности и намени како: дизајн и култура, урбано живеење, гастрономија и хотелиерство, спорт и рекреација, трговија и бизниси.
– Мора да се испланира и изгради потребна инфраструктура, да се испланира развојот на јавниот превоз, да се измени или адаптира постојната сообраќајна мрежа, да се испланираат доволно јавни отворени простори и да се реши управувањето со отпадот.
– Сите објекти и инсталации да се испланираат така што ќе може да се користат подолг временски период со голема флексибилност.
Зградата „Фингстваид“ А, во позадина објектот „Моби кула“
– Развојот на индустриската област е триаголник на одржливоста со добра кондиција помеѓу три области: економија, социјала и екологија.
– Да се испланираат доволно јавни отворени простори кои ќе придонесат за поврзување на различните намени и целини, и ќе оформат нова трансформирана современа урбана рамка.
– Да се внимава на максимална пропустливост на пешаците со доволно пешачки површини, патеки, тротоари. Да се обезбедат доволно велосипедски патеки.
– Зградите, инфраструктурата и јавните простори треба да бидат со висок квалитет, да се направи избор на квалитетни проекти и дизајн, а исто така и конечната реализација односно изградбата да е со висок квалитет.
– Да се направи ревалоризација на просторот и постојните објекти.
Зградите „Фингстваид“ A, B, C (лево), зградата „Магхоф“ (десно)
Развојот на поранешната индустриска област треба да се реализира во еден здружен кооперативен процес меѓу сите учесници и засегнати страни. Дадени се и клучните параметри, како геометриски големини. Површината на областа Цирих-запад изнесува 1.450.000 м2. Од тоа, со реурбанизацијата треба да се изградат површини со следните намени:
– Станбена површина 203.000 м2(од тоа 103.000 м2 за продажба, а 100.000 м2 посебна станбена површина)
– Деловен простор за бизниси 556.000 м2
– Површина за продукција 196.000 м2
– Површина со паркови и отворени јавни простори 452.000 м2
– Површина за паркирање 186.000 м2
– Разни други површини 15.000 м2
Со реурбанизацијата, на подолг временски период, во оваа област е планирано да има 8.000 жители и 40.000 вработени. Областа Цирих 5 во последните 10 години интензивно се гради, како ниедна друга област во Цирих. Градот ги координира и контролира големите комплексни градежни проекти, а исто така и помалите приватни проекти, со цел да се обезбеди висок квалитет, да се реализираат зацртаните цели и да се овозможи слободен проток на информациите.
Еден од неколкуте делови (урбани целини) од Цирих запад, кој е веќе изграден и е приватна инвестиција, е станбено-деловниот објект „City West. Тој сe граничи со железничката пруга, на север со паркот и сообраќајницата „Фингстваид“ и делот „Магхоф“. Во овој дел се изградени три големи станбени блокови „Фингстваид“ A, B и C, станбено-деловната кула „Моби кула“, станбениот блок „Maгхоф“, комерцијалниот објект „Зграда 51“ и хотелот „Ренесанса“.
Хотел „Ренесанса“
„City West“ има 600 станови, канцелариски простор за 1.400 работни места и хотел со 300 соби.
Во 2011 година, прво е пуштена во употреба станбено-деловната кула „Моби кула“ со висина од 81 метар и 24 ката. Приземјето е со површина од 1.400м2 и е со неправилна многуаголна форма. Лоцирина е покрај пешачката патека, железничката пруга и паркот „Фингстваид“. Во приземјето и мезанинот се сместени деловните простории, а на катовите станбениот простор. На најгорните катови се луксузните станови со хотелски сервисни услуги.
Во есента 2013 година, пуштени се во употреба трите станбени згради и тоа „Фингстваид“ A и B, кои имаат вкупно 143 станови за продажба. Истата година пуштена е во употреба и станбената зграда „Фингстваид“ С, која има 75 станови за изнајмување и деловен простор со корисна површина од 1.400м2, исто така за изнајмување.
Просторот пред хотел „Ренесанса“ и зградата 51
Сите три станбени згради се со издолжена, различна неправилно прекршена форма во основата и катност П+6. Обработките на фасадите на сите три станбени згради се сосема различни, различни материјали и различен колорит. Паркирањето е во подземните нивоа.
Во 2012 година, околу постојниот парк „Mагхоф“ е почната изградба на станбениот блок на источната страна, кој треба да го дооформи внатрешното двориште – постојниот парк „Магхоф“. Изграден е станбен блок, кој во основа е со правилна правоаголна форма, и катност П+9. Паркот останува во полуотворениот простор помеѓу станбените блокови, кои се поставени во форма на буквата П. Пуштен е во употрба 2015 година. Има 220 станови. Паркирањето е во подземните нивоа.
Во рамките на „City West“ е и хотелот „Ренесанса“ со капацитет од 300 соби. Тоа е еден од хотелите во ланецот „Meriot“, но управуван од швајцарска фирма.
Зградата 51 е деловен објект. Основата и е квадратна и е со внатрешно двориште. Зградата има деловна површина од 16.000 м2, продажен простор од 800 м2 и угостителски простор од 700 м2. Во зградата работат вкупно 1.000 луѓе.
Станбена зграда А
Паркот „Фингстваид“ беше пуштен во употреба на 5 септември 2015, со што се завршува и заокружува изградбата на станбено-деловниот „City West“ во областа Цирих запад. Паркот е со долгнавеста форма и претставува границата на делот „City West“ на север кон останатите делови во Цирих – запад. Изграден е на место на поранешна градина според плановите на пејзажните архитекти Доминик Чиги и Карола Антоан и е првонаграден на јавниот конкурс за паркот „Фингстваид“ во 2009 година.
Победничкиот проект го зема предвид рамниот терен на локацијата за паркот, но предлага сосема нов релјеф – нова топографија. Паркот е денивелиран , спуштен во однос на теренот на „City West“ и железничката пруга. Централното место го зазема голем округол воден базен, а околу него се развива површина т.н. „ливада“ озеленета со нови дрвја автохтони за овој дел и една површина со инсталација од преживеаните стари дрвја. Мала меморија кон минатото на овој дел.
Паркот е добро поврзан со пешачки и велосипедски патеки со соседните квартови. Денивелациите на теренот и поврзувањето со соседството е со широки скали, рампи и терасовидни бедеми на кои се изградени површини за разни атрактивни игри со велосипеди, ролери и тротинети.
Зградата „Магхов“ со паркот
Паркот ќе им овозможи дополнителни активности на жителите и ќе ја подигне вредноста на квартот. Во него се предвидени многу атракции за забава и рекреација на жителите, а се посадени автохтони зеленила и дрвја, кои многу одамна на истиот простор се одгледувале, а со тоа овој дел ќе потсетува на некогашните полиња и бавчи во Цирих- запад. Во скора иднина непосредно до паркот е планирана изградба на основно училиште. На оваа површина моментално има поставено подвижни дрвени цвеќарници и мини зеленчукови градини, за станарите на ,,City West“, кои имаат желба во слободното време да се занимаваат со цвеќарство или градинарство. Мала меморија кон минатото.
Иако делот „City West“ го оформуваат пет станбени згради , хотел и еден деловен објект кои имаат огромни димензии и волумени, сепак нивната големина и волумен не се доживува така, заради големите отворени простори околу и меѓу нив. Архитектурата на сите објекти е со геометриски форми, правилни или неправилни, со примена на различни материјали и изведено многу квалитетно и прецизно. Сето ова дава една урбана и префинета слика на делот ,,City West“.
Се вели дека швајцарските архитекти го преземаат водечкото место во планирање на просторот и архитектурата во Европа па и пошироко, а тоа секако може да се види и доживее најмногу со реурбанизацијата и изградбата на Цирих-запад, односно поранешната индустриска област и нејзината трансформација од област која била долги години индустриски киклоп во современа трендовска и луксузна област.
Натка Ќосева, дипл.инж.арх.