„Премостувањето“ на територијата на Босна и Херцеговина кај јадранското пристаниште Плоче, со цел да се обезбеди патување до крајниот југ на хрватското приморје и Дубровник без навлегување во друга држава, се наоѓа пред конечната реализација, објави Би-Би-Си.
Станува збор за план на Владата во Загреб за изградба на мост меѓу копното и хрватскиот полуостров Пељешец, со што ќе се заобиколи БиХ и ќе се одбегнат досегашните недоразбирања на Хрватска со оваа соседна земја.
Сегашната ситуација е последица од распадот на поранешна Југославија и територијалното решение од некогашната федерација, според кое на БиХ и се остави еден тесен коридор од 14 километри, преку кој доби излез на Јадранско Море.
По осамостојувањето на двете поранешни југословенски републики, територијата на Хрватска беше „пресечена“ со овој тесен појас, што остана дел од независна Босна и Херцеговина.
Возачите кои патуваа од Загреб или од Сплит за да дојдат до Дубровник, мораше да минуваат низ странска територија, создавајќи несекојдневна ситуација.
Двете земји од поодамна разговараат за надминување на овој проблем, но Загреб смета дека најдобро и најмалку болно решение е изградбата на мост преку морето.
Мостот треба да биде долг 2,4 километри, а за комплетирање на „премостувањето“ на БиХ ќе треба да се изградат и пристапни патишта.
По влегувањето на Хрватска во ЕУ, за случајот се заинтересира и Брисел, каде сега се оценува дека правењето „бај-пас“ ги решава сите проблеми.
ЕУ смета дека властите во Сараево нема повеќе да се противат на вакавото решение и очекува изградбата на проектот, што треба да чини 380 милиони евра, да почне на пролет идната година.
Резервите на БиХ кон планот се објаснуваат со стравувањето дека мостот ќе претставува блокада за пристигнувањето на големи бродови во Неум.
Идејата за мостот, не е нова и потекнува уште од годините по распадот на екс-Југославија.
Изградбата на мостот почна во 2007 година и требаше да биде завршена годинава. Но во средината на 2012 година таа е прекината со одлука на хрватската влада со образложение дека проектот е скап.
Проектирањето и изградбата на мостот е голем предизвик. Распонот на мостот е 568 метри и е втор по должина во европа за висечки мостови, условите за втемелување се многу лоши а локацијата на мостот е подложна на делување на силни ветрови и се наоѓа во зона на јака сеизмичка активност. Темелите ќе одат 100 метри под нивото на морето.