Привршуваат градежните работи на матичниот објект на градинката „Кочо Рацин“.
Новата, најсовремена и најубава градинка во Република Македонија, градена по европски стандарди и со голема љубов за најмладите, ќе биде комплетно готова кон крајот на октомври. Ова, велат познавачите, е објект оригинален по изведба и со највисок капацитет, квалитет и долговечност.
Фасадата е енергетски-ефикасна, со тројна термичка заштита. Фасадниот ѕид ќе обезбеди максимална термо-акустична изолација. Изборот на боите, живи и колоритни, е во согласност со намената на објектот, како што прилега за најмладите.
При крај е опремувањето на кујната, која е современа, според ХАССП стандардите и ќе произведува 550 оброци дневно, за матичниот објект и двата клона.
Плафонот е обложен со материјал кој го апсорбира нечистиот воздух и бактериите. Производителот на плафонот гарантира противпожарност од 120 минути. Сите 11 занимални и сите тоалети се изведени со топло, водно, подно греење, кое е автоматски регулирано и обезбедува константна температура. Веќе е готова кујнската платформа (лифт), за безбедно пренесување на храната.
Објектот изобилува со мноштво разработени материјали, при што највеќе е водена сметка за сигурноста на децата и желбата нивниот простор да биде и сигурен и безбеден. Секоја затворена занимална е директно поврзана со надворешна, врз која е поставена долготранјна, гумена подна подлога.
Големиот двор на матичниот објект на градинката „Кочо Рацин“ е опремен партерно, но на минимална површина, за да се задржи постојната зелена површина, а ќе се засади и нова.
Објектот на градинката „Кочо Рацин“ е со нето површина од 2.800 м2. За прв пат по 40 години, општина Центар добива нов простор за сместување, грижа и воспитување на најмладите.