Насловна / Арт и дизајн / Цареви Кули – историското минато на виделина

Цареви Кули – историското минато на виделина

1

Цареви Кули се наоѓаат на врвот на ридот над градот Струмица и претставуваат археолошки локалитет од различни временски епохи, од праисторијата сè до доцен среден век. Цареви Кули се издигаат на јужната страна над градот Струмица на просечна надморска височина од околу 450 метри. Тврдината има издолжена овална основа и се протега 210 метри во насока исток-запад и околу 90 метри во насока север-југ. Од северозападната и југоисточната страна на ридот се спуштаат стрмни долови сè до подножјето на поројните рекички Коритниче и Св. Илијски порој.

Од овие две страни ридот е речиси целосно непристапен. На југозападната страна, со мал преслап, се надоврзува со таканаречениот Јужен рид, кој понатаму продолжува во ридест предел и се спојува со месноста Чам Чифлик. Од источната страна се наоѓа лепезесто расположена падина која е нешто попристапна и која го поврзува платото на Цареви Кули со подножјето на кое е расположен градот Струмица.15

Најстарите докази за човековото присуство на врвот на ридот се од времето на халколитот (енеолитот), околу петтиот милениум пр.н.е. На ридот биле нивелирани тераси на кои потоа биле градени куќите, како што е тоа случај со југоисточната падина и просторот на северозападниот бедем. Најинтересни садови од енеолитот се оние со графитна декорација.

Овие садови се појавуваат во различни форми: амфороидни садови, бокали, паници, понекогаш украсени од надворешната и внатрешната страна. Женските енеолитски фигуринки, кои го олицетвориле женскиот принцип во духовноста, ги има во различни форми: седечки, исправени, со врежана декорација, со yвонеста облека, итн.6

Над енеолитската населба на југоисточната падина за време на бронзената епоха, во текот на III и II милениум пр.н.е, изникнала нова населба. И овој пат бележиме појава на садови специфични за бронзената епоха, со полирана површина и држалки кои го надвисуваат устието на садот. Бележиме и значаен хоризонт од времето на раната антика и македонско-хеленистичкиот период на локалитетот Цареви Кули. Овде беа истражени неколку јами во кои се појави импортиран материјал, но исто така и интересен материјал кој сведочи за локалната продукција на Пајонската популација. Овие јами, имено, го лоцираат почетокот на првата урбана населба (најверојатно антички Астраион, во почетокот на IV, а можно е дури и V век пр.н.е.).9

Во текот на доцноантичкиот период се појавува првата фортификација на врвот од ридот. Тврдината се позиционира на врвот поради нејзиниот стратешки и воен карактер, односно поради одбраната на комуникациите што водат од Серес кон Штип и обратно. Овде се појави широк хоризонт од тоа време во кој беше пронаоѓана керамика, монети и оружје кои сведочат за важноста на тврдината. Голема некропола со повеќе од 200 гробови е истражена во близина на тврдината.13

Во средновековјето Цареви Кули била значајна тврдина, обласно средиште со урбани англомерации надвор од тврдината. Се чини дека градот Струмица во средновековието бил организиран на класичен средновековен начин како комплексна утврдена населба. Опколена со канелирано бедемско платно и зајакната со кули, тврдината била некој вид одбранбен и набљудувачки центар. Средновековната тврдина всушност се наоѓа на положба стратешки воочена уште во доцноримскиот период. 10

Трасата на средновековната фортификација во добар дел ја следи трасата на доцноантичката фортификација, односно се потпира врз постарите бедеми кои наместа се надоградувани, а наместа се премостени. Погодностите што ги дава стратешки одбраната положба, како јак отпорен пункт, и дава можност на релативно лесна одбрана и покрај релативно скромните бедеми и кули. На ваквата тврдина не можело да се пријде со опсадни направи, а поради карпестата подлога и поткопувањето на бедемите било оневозможено. Со доволни залихи на вода и храна таа практично била неосвоива. Тоа јасно го воочуваат и современиците кога зборуваат за некои тврдини кои не можат да се заземат на јуриш. Ова посебно се однесува на тврдините во Струмица, Мелник, Прилеп и Просек.3

Благодарејќи на истражувањата, денес знаеме дека тврдината има издолжена елипсовидна основа. Внатре во тврдината се наоѓале поставени различни објекти од стопански и живеалижен карактер, пред сè, за посадата на тврдината, послугата и стражата. Покрај овие објекти овде се наоѓале кујни, коњушници, ковачки работилници, штали, цистерни за вода, складови за жито и други производи. Некои од тие објекти налегаат на југоисточниот бедем, додека други стојат самостојно во просторот. Неколку објекти се истражувани во текот на 2005-2012 год. и најверојатно претставуваат дрвени куќи подигнати на камено цокле.4

Централната кула – Пирг (француски одн. нормански „донжон“ (доњон), се наоѓа на највисоката точка на платото и е поставена врз спила. Кулата што имала најмалку 2-3 ката била во функција на раководен центар на одбраната, а воедно била и дворно место на старешината. Во нејзината внатрешност се наоѓале одаите, а во подрумските простории имало цистерна за вода.

Цистерната за вода ја зазема целата внатрешност на пиргот и таа била полукружно засведена. Атмосферската вода била спроведувана преку керамички цевки од покривот до цистерната. Тоа е т.н. „цистерна на свод“ позната на повеќе тврдини низ Балканот. По правило овие кули немале влез на приземјето туку на катот. До влезот се доаѓало со надворешни дрвени скали, или дрвен мост префрлен преку ѕидот кој лесно можел да се подигне во случај на опасност. Во приземјето се слегувало преку катот, однатре.5

Во текот на археолошката кампања во 2014 год. беше истражувана втората северна тераса на локалитетот Цареви Кули, со која беа опфатени повеќе позиции на платото од средновековната тврдина, пред сè позицијата на северозападното плато и малото плато веднаш под северната кула каде во перспектива се очекува поставување на панорамска жичарница. Во моментов активностите на локалитетот Цареви Кули се насочени кон конзервација, реставрација и делумна реконструкција на дел од кулите и  бедемското платно од северната, северозападната и западната страна на средновековнта тврдина.12

Во 2007 година во рамките на меѓународен проект се извршени археолошки истражувања на тврдината Цареви Кули во една голема кампања со траење од четири месеци, при што се откриени речиси целосно бедемските платна од западната и источната страна, североисточниот и југозападниот влез во тврдината, цистерната, а исто така и некрополата што се наоѓа на ридот јужно од тврдината.

Со конзерваторските истражувања на целата тврдина, се дефинираа бедемите и сите придружни објекти на него, станбената архитектура, опфаќајки ги објектите за живеење од сите периодики и објектите што биле во функција на целокупниот живот на тврдината, како цистерни, гранариуми, бунари. Исто така, се дефинира црквата Св. Ѓорги и целосната урбана структура на тврдината-градот со нејзините пристапи, влезови и улици.

11

Конзерваторските истражувања овозможија и дефинирање на градежните материјали, нивниот состав, врзното средство, начинот и опусот на градба. Се дефинира и сочуваноста на тврдината и објектите, како и нивните оштетувања и причините за настанатите оштетувања. Се дефинира и составот на почвата на која се изградени бедемите и објектите, како и причините за нејзиното настанато оштетување кое придонело за оштетување и на бедемите и објектите.7

Во рамките на  конзеваторските истражувања се пронајдоа и стари фотографии и катастарски планови кои имаа голема улога при дефинирањето на местоположбата, видот, намената и сочуваноста на сите придружни објекти и на бедемот на целата тврдина. Со старите геодетски планови се дефинира и реконструира топографијата на теренот – ридот на кој се наоѓа тврдината, што имаше голема улога при изработката на конзерваторскиот проект.14

Археолошките истражувања раководени од м-р Зоран Рујак, археолог, и неговите скици за можниот изглед на тврдината, историските истражувања на м-р Васил Ѓоргиев – Ликин, историчар, конзерваторските и компаративните истражувања на архитект Славица Тасева – советник конзерватор, конзерваторските истражувања и 3Д виртуелната реконструкција на теренот и тврдината од архитект Александар Цицимов – советник конзерватор, како и теренската документација изработена од Васка Манева и Зорица Костадинова – технички документатори,  ги дадоа скоро сите релевантни податоци за изготвување на Проектот за конзервација, реставрација и делумна реконструкција на тврдината, кој го изработи овој стручен тим на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј од Струмица во рамките на меѓународниот проект за меѓугранична соработка.15

Во 2007 година изграден е асфалтиран пат до тврдината од јужната страна на ридот преку селото Попчево и месноста Чам чифлик се до некрополата во чијашто близина е изграден паркинг простор и се изгради водовод, со што се створија услови да се отпочне со работите на непосредна заштита, при што е извршена делумна реконструкција на дел од западниот бедем и целосна реставрација на Југозападната кула, за кои при истражувачките работи се утврдени сите релевантни параметри за нивниот изглед.2

Отпочната е реконструкција и на северната кула, а во перспектива ќе се отпочнат и конзерваторски активности на објектите на самото плато (средновековните куќи, цистерни за вода и централната одбранбена кула – Пирг). Со заокружувањето на конзерваторските активности, предвидено е и уредување на локалитетот со поставување на патеки, информациони табли и хортикултурно уредување. Постојат размислувања дури и за обновување на црквичката Св. Ѓорги, која во моментов се наоѓа под куќичката на репетиторот (кој треба да се дислоцира во најскоро време).

8

Со заокружување на овој процес, покрај културно-едукативната улога, може да му се дадат нови и значајни содржини на локалитетот кои културно ќе ја збогатат понудата на градот Струмица (одржување на концерти, театарски претстави, итн.), а за што секако ќе придонесе и изградбата на жичарницата, која е во фаза на студија. Исто така, Струмица ќе добие нов и значаен импулс во развојот на туристичаката понуда, што ќе отвори нови можности во генерирањето на повеќе туристи и зголемување на локалниот економски развој.
Александар Цицимов, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top