Дел од експертите за животна средина, екологистите и претставниците на невладиниот сектор сметаат дека скијачкиот центар, експресниот пат од Охрид до Свети Наум и туристичките развојни зони во Љубаништа кои се планирани во потегот на националниот парк Галичица се неоправдани и ќе имаат низа негативни влијанија врз неговото природно богатство. Овие забелешки беа изнесени во рамки на Јавната расправа за ревидираниот нацрт Извештај за стратегиска оценка за влијанието на животната средина на Предлог измените на Планот за управување со овој национален парк за периодот од 2011 до 2020 година.
-Изградбата на Ски-центар на Галичица за мене е многу непромислен потег бидејќи според научните истражувања кои се правени е утврдено дека топлината која во зимскиот период се издвојува односно се осободува од Охридското Езеро создава блага клима на целиот потег околу езерото која секако не е погодна за еден зимски центар. Исто така се предвидува изградба на сместувачки капацитети за околу 4000 до 5000 туристи, а не е предвидено како тие капацитети ќе се приклучат на канализација и дали и како ќе биде изграден колекторски систем. Исто така се зборува дека најгоре кај скијачките терени ќе се градат септички јами за објектите кои се предвидени на тој потег, но се прашувам дали некој го знае составот на подлогата каде што ќе се градат септичките јами, затоа што постои можност содржината на јамите заедно со подземите води да се влева во езерото, рече во своето излагање хидробиологот Трајче Талески.
И независниот екологист Лазо Наумоски смета дека освен биодиверзитетот на Галичица, инфраструктурните проекти може да го нарушат и биодиверзитетот на Охридското Езеро.Во рамки на јавната расправа беа изнесени и низа прашања поврзани со планот за изградба на експресниот пат до Свети Наум, чија траса исто така ќе поминува низ зоната на паркот.