Овие градини најчесто се со мали димензии, со голема шареноликост на објектите, мебелот и жардињерите.
Мебелот е најчесто изработен од дрво во комбинација со ковано железо. Во овие градини задолжителни се водните елементи, кои по своите димензии не се многу габаритни, најчесто во форма на мали езерца со распрскувачи или фонтани со риби во нив. Од елементи на парковска архитектура перголата, исто така, е застапена во овие градини, секогаш обрасната во цветни повити и збогатени со висечки кошнички.
Патеките се неформални, изработени од природни материјали, најчесто комбинација од песок со покрупна фракција во комбинација со камен, камени плочи. Многу често се случува партерот да е обоен во силни нијанси на црвена или портокалова боја.
Од плодните растенија најмногу се застапени портокалите и лимоните, како и некои јаткасти растенија. Освен овие растенија се среќаваат кактуси, јука, алое, сенецио, вашингонија, филодендрон и други.