Нов, модерен трговски и бизнис центар на површина од 30 илјади метри квадратни со 350 паркинг места ќе добие општина Ѓорче Петров.
Во трговскиот центар „Емпорио“, кој е резултат на јавно-приватно партнерство помеѓу општина Ѓорче Петров и градежната компанија „Трансмет“, меѓу другите, свои простории на 3.600 метри квадратни ќе добие и општината.
– Трговскиот центар ќе нуди услуги кои во моментов не се достапни во сличните центри. Станува збор за целосно опремување на просториите за ИТ компании. Тие простории мора да исполнуваат високи стандарди и потреби во своите канцеларии. Секој оној што ќе биде дел од „Емпорио“ добива многу повеќе во смисла на логистичката поддршка и услуга. Убедени сме дека центарот „Емпорио“ ќе претставува пример за домашните и странските инвеститори за тоа како треба да изгледа еден современ трговски и бизнис центар, – истакна инвеститорот Сеад Кочан.
Според него, во трговскиот во кој ќе има 40-ина дуќани, како и простории за компаниите во деловниот простор, се очекува, како што рече, преку 200 индиректни и околу 20 директни вработувања кои ќе бидат логистика на трговскиот центар.
За градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митревски трговскиот „Емпорио“ ќе остане трајно обележје на општината.
– Обележје кое ќе го паметат генерациите и обележје кое ќе биде магнет за привлекување и други странски инвестиции во општината Ѓорче Петров, – истакна Митревски.
Трговскиот е лоциран во најурбаниот дел од општината, со директен излез на кружниот тек, појаснуваат од „Фортон“ Македонија кои се ексклузивен агент за изнајмување на трговскиот центар. Во „Емпорио“ на 1.550 метри квадратни ќе биде сместен и супермаркетот „Рамстор“, а свој простор ќе добие и една од најреномираните дрогерии во Европа „ДМ“.
Објектот, кој треба да биде завршен до првата половина на 2017 година, ќе биде на шест надземни и две подземни нивоа. Во првото, подземно ниво, приземјето и првиот кат ќе биде сместен трговскиот центар, а вториот, третиот, четвртиот и петтиот кат се наменети за бизнис центарот. Општинската зграда е организирана на три нивоа веднаш до трговскиот и бизнис центар.