Во организација на наставниот кадар и студентите од Градежниот факултет во Осијек, Хрватска, по третпат се одржа Меѓународната летна конференција на студенти по градежништво – International Summer Conference of Civil Engineering Students (ISUCCES). Како и во претходните години, а за што и читателите на „Порта 3“ своевремено имаа можност да се информираат (https://www.porta3.mk/nov-uspeh-na-isucces/), учесниците се пријавуваат со свое истражување или труд кој, доколку го помине „филтерот“ за квалитет, го презентираат пред академскиот тим на домаќинот, по што добиваат можност и да изработуваат модел на конструкција чија стабилност се испитува на дејства на земјотреси.
Победнички модел
Благодарејќи на агилноста на организаторот, кој поканата за бесплатно учество ја упати на голем број адреси не само во регионот, интерес пројавија претставници на голем број факултети, а врз основа на исполнување на критериумите, во Осијек допатуваа студенти од Шпанија, Романија, Србија, Босна и Херцеговина, Грција и Словачка.
Во оваа прилика, ако се изземат студентите од Хрватска, најзастапена беше Македонија, бидејќи ја претставуваа три тандеми: четири студенти од Градежниот факултет во Скопје (ГФ СК), од студиската програма градежништво, конструктивна насока, и два студенти од Факултетот за природни и технички науки во Штип, од студиската програма по градежно инженерство, модул транспортна инфраструктура.
Едниот тим од ГФ СК го сочинуваа студентите Стефан Мицевски и Антонио Шокларовски, додека другиот го формираа апсолвентките Сара Тоневска и Александра Ѓоревска. Првиот тим, во соработка со асистентите м-р Бојан Сусинов и м-р Сеад Абази, имаше изработен реферат под наслов „Analysis of 9.0 m high reinforced soil retaining wall for platform“, кој опфаќаше нумеричка анализа на потпорен ѕид од армирана земја со поголем број на специјализирани геотехнички софтвери, каде се внимаваше конструкцијата да ги задоволи сите технички барања од актуелните македонски или соодветни европски стандарди. Вториот тандем, пак, под менторство на доц. д-р Јован Бр. Папиќ, имаше истражување на тема „Seismic design, the effect of diaphragm walls and damping supports under earthquake loading“.
Комплетна делегација на Македонија на ISUCCES
Тоа се состоеше од неколку конструктивни варијанти на армирано-бетонска зграда со катност 2По+Пр+5, со цел да се испита влијанието на различни елементи врз однесувањето на конструкција во случај на земјотрес. Беа анализирани основен модел со крута темелна конструкција и две модификации: примена на дијафрагми (крути армирано-бетонски ѕидови) околу двата подземни ката и флексибилна темелна конструкција со кои се симулира присуството на почвата и нејзината хоризонтална и вертикална крутост.
Заклучокот е дека и двете модифицирани решенија даваат добри резултати од аспект на однесувањето на конструкцијата при сеизмичко дејство, но со оглед на тоа што дијафрагмите треба да се изведат и финансираат, на проектантите им се препорачува да одвојат малку повеќе време за реално нумеричко моделирање на почвата и нејзиното поволно влијание во случај на земјотрес, со што би се обезбедиле исто ниво на техничка анализа и стабилност на конструкцијата, но и оптимизација во вид на економска заштеда за инвеститорот.
Стандардно, во втората фаза на ISUCCES, се пристапи кон изработка на дрвени модели на конструкции кои потоа се товарат дополнително и се тестираат на земјотрес што се симулира преку вибро-плоча. Моделите се оценуваат според естетиката, односот висина-тежина на конструкцијата, оригиналност при изборот на конструктивните елементи за придушување на сеизмичкото дејство (т.н. дампери) и нивното однесување при земјотрес. Слично како и минатата година, така и оваа приматот го однесе конструкција проектирана и изведена од студенти од ГФ СК.
Имено, моделот што ја доби првата награда на Конференцијата беше оној на тимот со нашите студентки Александра Ѓоревска и Сара Тоневска, и нивниот партнерски тандем од Машинскиот факултет во Малага. Тој ги исполни критериумите со најмали димензии и најмалку елементи, поради што се издвојуваше со односот висина-тежина на конструкција и вкупната издржливост. Покрај тоа, дојде до израз креативноста на студентите, бидејќи во основата на зградата беа применети дампери од сунѓер.
Идејата-водилка при нивната изработка беше да се конструира зглоб во базата на столбовите, па столбовите по аглите на моделот не беа прицврстени за основата туку само обложени со густ сунѓер, што овозможи флексибилност на моделот која се истакна така што ги поднесе без лом сите фази на товарење при тестирањето. Страните на моделот паралелни на правецот во кој беше нанесена сеизмичката сила беа исполнети со дијагонални елементи меѓу гредите.
Воедно, моделот во центарот имаше и круто јадро вклештено во основата, на кое со гредни елементи беше целосно пренесен дополнителниот товар кој се поставуваше при тестирањето. За сето напред изнесено се почитувани и успешно комбинирани принципите изучувани низ повеќе предметни програми од наставата на ГФ СК, а за нивната исправност, помеѓу останатото, потврда се наоѓа и во континуираното освојување престижни награди на ISUCCES.
Студентите, покрај шансата за настап пред академски аудиториум и за натпреварување со еднакво квалитетни колеги, имаа шанса да запознаат и потенцијални идни соработници од земјите од регионот и да разменат знаења со нив. Организаторите беа мошне вредни и срдечни, заради што сите учесници ги оценија како одлични од секој аспект, бидејќи ги обезбедија сите услови за богат и динамичен престој сето време во градот-домаќин на бројните гости од странство. Беа организирани и низа придружни активности, меѓу кои и посета на новата зграда на Градежниот факултет во Осијек, кој е во фаза на завршна изведба на конструкцијата, како и национална вечер на која студентите ја претставуваат својата земја и култура преку храна, пијалаци, музика и обичаи.
На таков начин, се овозможува уште еден елемент за зближување на учесниците, што понатака се одржува преку некој од бројните начини на комуникација, а, покрај доделувањето на наградите, придонесува за можеби позначаен success на ISUCCES. Позитивните впечатоци од претходните учесници од ГФ СК ги мотивираа актуелните да се пријават кај предметните асистенти за реализација на истражувања, а стекнатото искуство пренесено низ овие редови се надеваме дека ќе биде „мамка“ која ќе привлече уште низа следни тандеми да се уверат во веродостојноста и неа да ја споделат.
Сара Тоневска, Александра Ѓоревска, Стефан Мицевски, Антонио Шокларовски апсолвенти на Градежен факултет – Скопје, УКИМ