Голем пожар избил во најголемиот музеј за наука во Европа, кој се наоѓа во Париз, а пламенот зафатил 10.000 метри квадратни од објектот, додека 120 пожарникари се обидуваат да го изгаснат, јавија француските медиуми.
Се работи за Cité des Sciences et de l’Industrie, музејот кој годишно привлекува повеќе од пет милиони посетители, а познат е по планетариумот, по цела изложена подморница и по театарот IMAX.
Пожарот избил утрово во 2.30 часот, а 120 пожарникари со 30 противпожарни возила се обидуваат да го изгасат. Двајца пожарникари се здобиле со полесни повреди.
Пламенот зафатил шест ката од музејот, а кога избил пожарот во објектот немало луѓе.
„Нашиот тим има потешкотии во гасењето, затоа што се работи за големи простории“, вели портпаролот на пожарникарите.
Сепак, по пет часа гасење, пожарот е изгаснат, но како што вели портпаролот се уште жешко внатре, а има шанси повторно да избие.
„Дрвени палети, кутии, гипс-картон и електрични кабли горат“, додава тој.
Жештината била огромна, а пожарникарите ротирале на 20 минути.
Штетата од пожарот се уште не се знае, но пожарникарите велат дека во 7.30 часот огнот бил под контрола.
Пожарот зафатил простории кои биле наменети за продавници, а требало да бидат отворени на 15 октомври.