Јули е месец на годишни одмори, а на оние повозрасните граѓани на Република Македонија и месец за сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје, којшто пред 52 години, на 26 јули 1963 година, во голема мера го разурна но и придонесе за оформување на новиот лик на градот, по којшто го препознаваме во овој двесет и први век. Се разбира, трансформацијата на Скопје по земјотресот е една од низата обнови по земјотреси на тлото на Европа.
Веројатно, една од историски најзначајните обнови по земјотреси на тлото на Европа, е онаа што датира од пред повеќе од два и пол века. Во 9.40 часот по локално време, пред 260 години, на 1 ноември 1755 година, католичкиот празник на Сите светци и православниот празник Духовден, Лисабон, главниот град на Кралството Португалија бил разорен од катастрофален земјотрес проследен со пожари и цунами. Сезимолозите проценуваат дека епицентарот на овој земјотрес се наоѓал во Атланскиот Океан околу 200 километри југозападно од ’ртот Свети Винсент (Cape St. Vincent) и дека бил со магнитуда од 8,5 до 9,0 степени, и во него загинале помеѓу 10 и 100 илјади лица.
Како резултат на овој земјотрес, во Лисабон се појавиле до пет метри широки пукнатини во земјата. Како населението бегало од изградените делови кон отворените простори на брегот на реката Тагус, дошло до повлекување на водата од реката, а околу 40 минути по земјотресот градот бил погоден од три цунами бранови кои предизвикале дополнителни разурнувања. Во деловите на градот поштедени од брановите избувнале пожари кои траеле пет дена.
Иако земјотресот е познат како Големиот лисабонски земјотрес (The Great Lisbon Earthquake), песледиците од него биле далекусежни. Земјотресот бил почувствуван дури во Гренлад и Финска, ширум Европа, во Северна Африка и на Карибските острови (Мартиник и Барбадос), на спротивната страна од Атланскиот Океан. Така брегот на Северна Африка бил погоден од 20 метри високи бранови. До три метри високи бранови го погодиле регионот на Корнвол во Англија, додека областа Алгарв на југот на Португалија и Кадиз во Шпанија претрпеле големи штети.
Португалското кралско семејство на кралот Жозе Први (1714-1777) го преживеало земјотресот со оглед на тоа што претходно дента заминале за да го прослават празникот на кралскиот имот Ежуда (Ajuda) надвор од Лисабон. По земјотресот, во Ежуда бил сместен кралскиот двор во шатори и објекти од дрво, бидејќи кралот развил клаустрофобија и не сакал да престојува во ѕидани објекти. Земјотресот се случил кога миленикот на кралот, Себастиао Жозе де Карваљо е Мело (Sebastião José de Carvalho e Melo, 1699-1782), попознат како Маркизот од Помбал (1st Marquis of Pombal, 1st Count of Oeiras) бил премиер на земјата. Се прикажува дека на прашањето на кралот Жозе Први, што да се прави по земјотресот, Маркизот од Помбал одговорил: „закопај ги умрените и излечи ги живите“.
Како резултат на ова, пожарникарите биле испратени да ги гаснат пожарите, а на војската ѝ било наредено да се грижи за одржување на редот во градот. На работоспособното машко насление не му било дозволено да го напушти градот, така што тие се приклучиле на групите работници задолжени за собирање и погребување на починатите, кое вклучувало и погребување на вода.
Околу месец дена по земјотресот, на 4 декември 1755 година, кралот и примерот ја отпочнале обновата на градот, откога Главниот инженер на карлството Мануел да Маиа (Manuel da Maia) презентирал пет предлози за обнова на градот, кои поаѓале од напуштање на градот, преку опции за реконструкција на истото место, па сè до изградба на нов град. Кралот и премиерот се одлучиле за опцијата што се залагала за целосно разурнување на најпогодениот дел од градот, Долниот град (Baixa), и изградба на нова ортогонална улична мрежа и објекти во комбинација со изградба на големи плоштади, авении и пошироки улици. Обновата на градот била поддржана со обиди да се најде начин како новоизградените објекти да бидат отпорни на идните земјотреси.
Ова резултирало во развојот на „помбалинскиот кафез“ (gaiola pombalina/pombaline cage), во чест на премиерот. Станува збор за дрвена рамковна конструкција, при што вертикалните и хоризонталните елементи се поставуваат на подеднаквo растојание за така формираните квадрати да бидат исполенти со дијагонални зацврстувања во двата правци. Модели на ваквата конструкција биле „тестирани“ кога на војската ѝ било наредено да маршира околу моделите. Оттука, се смета дека „Помбалинските згради“ се едни од најраните примери на објекти отпорни на земјотреси, при што иновативната дрвена конструкција се користи како метода за зајакнување и „армирање“ на ѕиданите објекти.
Во рок од година дена по земјотресот, „Долниот град“ бил расчистен, што овозможило да се отпочне со реконструкација на Помбаловиот долен град (Pombaline Lower Town / Baixa Pombalina) која опфаќала површина од околу 23,5 хектари. Реконструкцијата се одвивала според проектот на португалскиот архитект Еугенио дос Сантос (Eugénio dos Santos). Во овој проект централно место земал правоаголниот Плоштад на трговијата (Praça do Comércio / Square of Commerce), кој бил изграден на поранешната локација на урнатата кралска палата Рибеира (Ribeira Palace) изградена на брегот на реката Тагус. Плоштадот бил врамен од објекти во форма на буквата „П“, при што отворената страна излегувала на брегот на реката. Во овој објект биле сместени органите на државната управа, додека на приземјата биле формирни длабоки колонади.
Во центарот на плоштадот била поставена скулптура на кралот Жозе Први на коњ кој ги гази змиите под своите нозе, од најистакнатиот португалски скулптор од тој период Јоаким Мачадо де Кастро (Joaquim Machado de Castro). Од „делфините“ (столпчиња за врзување на брoдoви) на брегот на Тагус преку статуата на кралот Жозе Први, погледот оди кон Лакот на улицата Аугуста (Arco da Rua Augusta) изработен според проектот на Верисимо да Коста (Verissimo da Costa). На монументалниот лак се наоѓа часовник и седум скулптури, вклучително на онаа на маркизот од Помбал. Откога ќе се помине низ монументалниот лак, се влегува во пешачката улица Аугуста која води кон плоштадот Росио (Rossio Square) со монументалниот Национален театар.
Улицата Аугуста е дел од ортогонално организираната улична мрежа оформена од униформни правоаголни барокни/неокласчини објекти со мешана функција и средна катност. Односот помеѓу височината и меѓусебното растојание на објектите дава чувство на простор изграден по човечка мерка, во кој се чувствувате пријатно и безбедно. Реконструкцијата на помбалинскиот долен град се смета за една од најраните и најзначајните обнови по природни катастрофи и во Европа и во светот, но и како еден од најраните и најзначајните примери на барокно/неокласично урбанистичко планирање и архитектура.
Големиот лисабонски земјотрес одиграл големо влијание врз развојот на науките и уметностите во тој период, при што особено се истакнуваат зачетоците на сеизмологијата и земјотресното инженерство, концептите за изградба на објекти отпорни на земјотреси, научната географија и слично.
Улогата на премиерот, Маркизот од Понбал, кој ја добил оваа титула 15 години по земјотресот, се смета за клучна во процесот на обнова и реконструкција на градот, и неговото име е овековечено преку иновативниот конструктивен систем, стилот на новоизградените објекти и др. И покрај својот голем придонес, тој успеал да си создаде доволно непријатели помеѓу влијателните слоеви на Лисабон и Португалија, така што набрзо по смртта на кралот Жозе Први, Маркизот од Помбал бил протеран од Лисабон и го поминал преостанатиот, но многу краток дел од својот живот надвор од градот, во чијашто обнова тој многу придонел.