Романија годинава се соочува со најсериозната суша во последните 50 години, пишува весникот „Гандул“ и додава дека жешките денови ова лето се причина за намалување на водата во почвата и реките, што,пак, ќе доведе до покачување на цената на електричната енергија, како и до повисоки цени на храната.
Експертите велат дека пченката годинава е со слаб квалитет поради високите температури на воздухот. Ситуацијата со сончогледот, исто така, не е подобра, а лоша е и реколтата на грозјето.
Елена Матееску, директор на Националната управа за метеорологија, вели дека јули бил најтоплиот месец во последните 136 години. Истовремено, јули бил и најсувиот месец од 1961 година. Матееску посочи дека неделава во цела земја ќе наврнат дождови, но тие нема да се доволни за надминување на сушата. Од службата за управување со водите посочуваат дека водостојот на Дунав е за 50 проценти понизок во однос на минатата година, а иста е ситуацијата и со помалите реки. Ова значи дека хидроцентралите немаат капацитет да произведат доволно енергија, а недоволното количество се надоместува со произведствона струја од термоцентралите.