Драган Крстевски е млад архитект роден во Скопје, каде што воедно и ги завршува своите дипломски студии на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Во моментов Крстевски живее во Лондон и работи на истражување за одржливите градови, тема поврзана со подготовка на неговата мастер диплома.
За време на неговите студии во Скопје, тој беше ко-основач на архитектонската групација „Прва Архи Бригада“, којашто се справува со темите од архитектурата и урбанизмот во Скопје. Исто така, тој е еден од авторите на публикацијата „Прва Архи Бригада – Најголемата некомплетирана архива“, што се однесува на историјата на Скопје и мислењето на повеќе групи граѓани за архитектурата во градот.
Драган Крстевски бил дел од голем број работилници, семинари, конференции, и дел од тимот на лондонското архитектонско студио „Gensler“, а денес е партнер во фирмата „Make Architects“.
Секако, едно од најголемите достигнувања е неговиот говор на конференцијата TEDx во Лондон, на која говореше за архитектурата во градот каде што е роден – Скопје, и за архитектурата во градот каде што сега живее, Лондон. Крстевски најпрво направи споредба помеѓу овие два града во периодот на 60-тите и 70-тите години на 20 век, период кога архитектурата изградена низ целиот свет се базира на модерниот стил. Иако Лондон во тој период го зафаќа економска криза, можат да се забележат голем број модерни објекти.
Истовремено, во Скопје во 1963 година се случува најголемата природна катастрофа, земјотресот што уништи речиси 80 проценти од градот. По големиот земјотрес, градот Скопје го зафаќа период кога тој почнува одново да се гради по планот на познатиот архитект Кензо Танге, а дел од неговите модерни структури постојат и денес, како што се Градскиот ѕид и Железничката станица. Меѓутоа не само проектите на Танге го одбележуваат овој период, туку градот го зафаќа инвазија од модерни бетонски структури кои му даваат ново обележје и го внесуваат Скопје на мапата на модерни европски градови во тој период заедно со Лондон.
Потоа Скопје го зафаќа период на транзиција и по долгиот мирен период за архитектурата во Скопје, од почетокот на осамостојувањето на Република Македонија, во 2010 година беше донесен нов проект план од Владата на Р. Македонија за негова целосна обнова. Новиот план се базира на изградба на нови објекти во барокен и неокласицистички стил, поставување на голем број статуи, обнова на фасади на посотоечки објекти, односно обнова на градот во сосема поинаков стил од оној што во моментов се развива во Лондон. Иако Лондон и Скопје имаа сличен архитектонски стил во 60-тите и 70-тите, правејќи споредба помеѓу овие два града денес тие дефинитивно се развиваат во две различни насоки.
Крстевски вели дека луѓето создаваат архитектура, а архитектурата создава градови. Доколку луѓето се душата на градот, тогаш архитектурата е телото на градот. Поради тоа треба да тежнееме кон создавање на архитектура која ќе биде модерна, истовремено почитувајќи го минатото. Минатото на градот не треба да се копира, туку да служи како инспирација бидејќи архитектурата е нешто од кое не можеме да избегаме, таа е насекаде околу нас, а истото важи и за грешките во архитектурата, тие едноставно не можат да останат незабележани, па поради тоа треба да бидеме внимателни.