Археолошките истражувања на локалитет Старо Бонче близу Прилеп, кои се вршат во секторот некрополи, се во завршна фаза. Раководителот на истражувањата, проф. д-р Антонио Јакимовски од Институтот за историја на уметност со археологија при Филозофскиот факулетет во Скопје, вели дека оваа година за прв пат ја истражуваат оваа раноантичка некропола и дека се најдени вредни наоди од 5-4 век п.н.е., како и предмети од подоцнежни фази.
– За прв пат истражуваме тука, го откопавме централниот гроб и околните гробови. Највреден предмет е секако златната перла од 5-4 век п.н.е, која ја најдовме во централниот гроб. Изработена е во техника филигран и гранулација. Има и други значајни наоди, како фибули, украсни игли, керамика и друго- вели Јакимовски.
Во околните гробови исто така се откриени значајни наоди меѓу кои и статуетка на Хермес, перјаница од бронзена статуетка на воин и други.
Јакимовски вели дека на археолошкиот комплекс Старо Бонле се најдени уште десеттина некрополи, кои, веројатно припаѓале на градот Пелагонија.
Истражувањето на локалитетот Старо Бонче е капитален проект на Владата на Република Македонија, кој во координација на Управата за заштита на културното наследство се реализира преку Институтот за историја на уметност со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј во Прилеп.