Словенија и Хрватска соопштија дека до 2043 година ќе ја продолжат работата на заедничката нуклеарна централа „Кршко“, и покрај повиците за нејзино затворање.
Реакторот „Вестингхаус“ со моќност од 700 мегавати, кој е изграден за време на поранешна Југославија и пуштен во употреба во 1983 година, требаше да го прекине своето функционирање во 2023 година, по 40 години работа.
Словенечкиот министер за инфраструктура Петер Гашпершиќ, по телефонскиот разговор со хрватскиот колега Иван Врдолак, изјави дека двете земји се договориле да ја продолжат работата на нуклеарката „Кршко“, бидејќи таа има добри резултати во функционирањето, безбедноста, економијата и инвестициите.
Централата „Кршко“ се наоѓа на територија на Словенија, во близина на хрватската граница, и по распадот на СФРЈ со неа раководат двете држави. Таа произведува околу 20 отсто од електричната енергија во Словенија и 15 проценти од струјата во Хрватска.