Летните одмори се пред нас. Одлична можност да се здивне од работа-преку-глава и да се „наполнат батериите“. Кога сме кај батериите, да не заборавиме да ги наполниме бидејќи и ова лето фотоапаратите (и телефоните) ќе треба да генерираат милијарди фотографии (повеќето селфи од плажи, бикини, мускули итн.). Фотографиите се многу важни бидејќи ги овековечуваат моментите не дозволувајќи да потонат во заборав. Впрочем, многу лесно можеме да заклучиме дека повеќето луѓе сметаат дека токму губењето на фотоалбумите, односно фото архивите претставува најголема материјална загуба, при не-дај-боже трагедија или итна евакуација.
Пред нешто повеќе од пола век наназад, „обичните“ Македонци поседувале по некоја фотографија, тапија, личен документ и слично. Се на се, мал број на хартиени предмети кои лесно можеле да се сместат во мало ковчеже. Денес, „обичниот“ Македонец поседува куп од хартии со некаква вредност (документи) и уште тера бајти од различни електронски записи сместени на компјутер, телефон, надворешни дискови или на „облак“. Сето тоа благодарение на напредната и лесно достапна технологија. Истата технологија заговара се поголема употреба на дигиталните формати во секојдневието.
Да се потсетиме: плаќаме со платежна картичка или електронски, се допишуваме преку електронска пошта, документи поднесуваме електронски, фотографираме со телефон, а фотографиите ги разгледуваме повторно преку телефон и сл. Судбината на папирусот се чини ќе ја стигне и хартијата, иако тешко веројатно дека ќе посведочиме за целосно нејзино исфрлање во употреба. Ова е доба на дигиталните фајлови.
Поради многуте бенефити кои ги нудат дигиталните технологии, но и многубројните десктруктивни процеси (унишувањето на Будите од Бамијан изработени во карпа во Авганистан од страна на Талибанците во 2001 година, уништувањето на античкиот Нимруд во Ирак од страна на Исламската држава, како и последните случувања во Палмира, Сирија), светот одамна врши забрзана дигитализација на културното и природното наследство.
Сепак, мора да се имаат предвид и слабостите, односно заканите што произлегуваат од дигитализацијата и дигиталните формати. Последниве години многу експерти се обидуваат да ја предупредат јавноста за заканите.
Така на пример, Винт Церф, директор во „Гугл“ познат уште и како еден од „татковците на Интернет“, во февруари годинава, говорејќи пред присутните на годишниот состанок на Американската асоцијација за ширење на науката во Сан Хозе, Калифорнија, предупреди дека сите фотографии и документи кои ги чуваме во компјутерите, можно е да бидат изгубени поради брзите промени во хардверот и софтверот. Тој предупреди дека „брда“ од дигитален материјал – од блогови, твитови, слики и видеа, до официјални документи како што се судски одлуки и електронска пошта – може да бидат изгубени засекогаш бидејќи програмите потребни за нивно прегледување ќе бидат „мртви“.
На тој начин, со тек на годините би имале акумулирано огромни архиви на документи без да знаеме кој формат се, што содржат, како да се отворат бидејќи технологиите во кои биле креирани, реално со тек на времето ќе исчезнат. Следејќи ги промените во изминатите две-три децении, Винт посочи дека е можно идните генерации да имаат малку или воопшто да немаат записи од 21 век, со што светот би навлегол во т.н. „дигитално Мрачно доба“.
Од друга страна, волуменот на записи кои ги креираме на дневна основа е вчудовидувачки. Марк Витби, директор на Групата брендирани продукти на Seagate Technology, во интервју за TechRadar изјави дека нашите потреби за складирање на записи неконтролирано се зголемуваат. Марк појасни дека „вкупниот број на дигитални записи генерирани во 2013 година беше околу 3,5 зетабајти, односно 3500000000000000000000 бајти“.
До 2020 година се предвидува дека ќе бидат генерирани околу 44 зетабајти на годишно ниво. Енормното генерирање на дигитални записи побарува и медиум за складирање, а тоа се хард дисковите и други типови на компакт дискови без разлика дали складираме локално, во мрежа или преку Интернет. Сакале или не, правењето на backup, каталогизацијата и воопшто зачувувањето на податоците се соочува со големи предизвици било да станува збор за поединец, компанија или специјализирана институција.
Во една статија на History News Network од 2006 година, со наслов „Fragile digital data in danger of fading past history’s reach“ се опишани проблемите со кои се сретнуваат професионалците при дигитализацијата, а се во директна конотација со тезите на Винт Церф. Во неа се проценува дека само за три години, од 2006 до 2009 година, човештвото генерирало повеќе записи отколку во последните 1.000 години и скоро сите од нив се дигитални. Најголемата библиотека/архива во светот, американската Конгресна библиотека имајќи ги предвид слабостите на дигиталните формати, од пред неколку години започна со креирање на нови електронски архиви со цел каталогизација и подолго зачувување на милијарди записи кои ги поседува.
Сепак, и покрај напредната технологија, задачата е преголема и целта сè уште не може да се постигне. Сите напори одат во правец да се обезбеди сигурност на записите во наредните 100 години, иако историски гледано тоа е еден век и претставува исклучително краток временски период. Дополнителен проблем е ранливоста на дигиталните медиуми, односно нивниот краток животен век. Иронично, но се чини дека артефактите како глинените плочи со клинесто писмо стари околу 5.000 години се далеку посигурни од современите дигитални медиуми, за кои истражувањата велат дека нивниот животен век е од 15 до 100 години во зависност од типот на медиумот, условите на чување итн.
Да не ги спомнуваме и можните хардверски расипувања, вируси, магнетизација итн. Значи ли тоа дека треба да се откажеме од дигитализацијата и дигиталните формати? Секако не, но мора да бидеме целосно свесни за сите предности и недостатоци на технологијата. Од овој агол, сè додека не се изнајде некое подоверливо решение (долготраен медиум и безбеден отворен фајл формат), се чини дека е најдобро дигиталното архивирање да биде паралелно со архивирањето на „тврдите копии“.
Но, да се вратиме во нашето професионално секојдневие – градежништвото. Голем број инфраструктурни проекти кои биле изградени во минатото или се градат во моментов, треба да имаат квалитетно зачувани податоци со цел нивно искористување во иднина доколку се јави потреба за реконструкција, рушење или надградба. Имањето на целосни и квалитетни податоци за проектите и објектите, значи заштеда на финансиски средства, а во извесни случаи и зачувување на животите на корисниците.
И покрај законските одредби за архивирање, морална обврска и одоговорност на секој архитект, инженер и инвеститор вклучен на проекти е да се осигура трајноста на техничката документација во идните децении. Ова е особено важно за мегапроектите од енергетиката, транспортот, рударството чие значење е круцијално за добросостојбата на населението.
По сето погоре елаборирано, верувам дека има простор за подобрување на нашиот пристап кон дигиталните записи кои ги генерираме, без ралика дали се лични или професионални. Целењето кон „општо прифатените“ фајл формати е веројатно посигурна опција, бидејќи се поддржани од поголем број на апликации. За нас, најважни се форматите како pdf, dwg, doc, txt, jpeg, mpeg итн. Зачувувањето на фајловите во повеќе фајл формати, на повеќе носечки медиуми (кои се чуваат соодветно), како и печатење во „тврда копија“ онаму каде тоа е возможно, е препорака на експертите за „мирен сон“.
Долго, топло и мирно лето.