Денес и официјално е отворена првата „Библиотека на плажа“ со настан на кој градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов, го поздравил овој проект и соопштил дека сите љубители на пишаниот збор ќе може бесплатно да уживаат со читање книга на Градската плажа во Дојран.
„Чест ми е што на Градската плажа во Дојран се отвора првата ’Библиотека на плажа‘. Покрај многуте културни случувања ова лето во Дојран, покрај инвестирањето во плажите и подобрувањето на сместувачките капацитети, ова е само чекор до целта, а тоа е во Дојран секој да ужива и одмора онака како што сака. На ваков начин општина Дојран придонесува за развојот на културата, зголемување на процентот на читатели и дава една поинаква димензија на одмор и уживање на плажа“, изјавил градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов.
Меѓу насловите на полиците на библиотеката ќе бидат најчитаната книга за ова лето „Сеќавање на љубовта“, македонската најпродавана млада авторка Верче Карафилоска и книгата „Бездомникот со златен часовник“, како и мегапопуларните „Рингишпил“, „Шепнувачот“, „Кругот на животот“, „Полноќна роза“, како дел од насловите што ќе можат да се читаат на Градската плажа во Дојран.
По овој проект, општина Дојран ќе продолжи со плановите и идеите, а тоа е изнајмување на велосипеди, ново брендирање на општина Дојран и ново туристичко лого, пешачка патека која ги спојува двата Дојрана и богата културно уметничка програма.