Авионот што го произведе концернот „Airbus“ наречен „Е-Fan“, полетал од Лид во југоисточна Англија и слетал на аеродромот Кале-Денкерк во североисточна Франција по 41-минутен лет, речиси 106 години откако францускиот пионер на светското воздухопловство Луј Блерио првпат со моторен авион го прелета каналот Ламанш меѓу двете земји.
Авионот „Е-Fan“ првпат на јавноста ѝ беше претставен во јуни 2013 година на познатата воздухопловна изложба во Париз. Станува збор за прототип двосед на електричен погон, чиишто мотори со финансиска поддршка на француската влада ги развила компанијата „Voltair“, една од фирмите од групацијата „Аirbus“.
Леталото коешто од април 2014 година изврши повеќе од сто летови, е тешко 600 килограми, долго 6,7 метри со распон на крилата од 9,5 метри. Двата мотори добиваат енергија од литиум-јонската батерија којашто овозможува брзина од 160 километри на час и најголема брзина од 220 километри на час.
Траењето на летот е ограничено на 45 минути. „Airbus“ има намера „Е-Fan“ да го пушти на пазарот кон крајот на 2017 година. Верзијата „Е-Fan 4.0“, со четири седишта, е планирана за 2019 година.