Насловна / Градежништво / Геотехнички теренски испитувања на почвата

Геотехнички теренски испитувања на почвата

geing terenska laboratorija

Геотехничките испитувања се процес со кој се собираат релевантни информации за теренот што е предмет за изведба на некој инженерски објект. Делот за геотехнички испитувања се однесува на дефинирање на конкретните геотехнички услови на самата локација за некој објект.

Геотехничките услови, микролокациски најчесто како специфични имаат огромно влијание при изградба на објектите, со нив треба да се опфатат и да се дефинираат сите потребни параметри кои понатаму се од суштинско значење за контролните активности и имплементација на Проектните решенија.geing terenska laboratorija (2)

Со испитувања од страна на стручна лабораторија за теренски испитувања се добиваат карактеристики на почвата т.е. се добиваат многу значајни параметри кои понатаму служат за изработка на најсоодветни, техно-економски оправдани Проектни решенија и контрола во процесот на изведба. Со дефинирањето на геотехничките услови на теренот и изборот на правилната интерпретација се добиваат основните и најбитни податоци за носиво-деформабилните карактеристики на тлото.

Според методологијата на изведба, специфичноста на геотехничките услови и Проектните барања, при изведбата освен основните ″in situ″ методи за идентификација и класификација на почви се вршат и специјални теренски (“in situ”) испитувања.

Генерално, теренските испитувања по методи се однесуваат на:

● CPT (Опит на статичка пенетрација)

● SPT (Динамички стандарден пенетрационен тест)

● Метод на кружна плоча – Динамички и статички испитувања

● Определување на волуменска тежина – Метод на калибриран песок и Метод на балон

● Теренски CBR-тест

geing terenska laboratorija (4)

Целиот процес при извршување на геотехничките истражувања и испитувања треба да биде воден од важечките правилници и нормативи кои го стандардизираат проектирањето и изведбата на геотехничките конструкции.

Само добро опремена лабораторија за геомеханички истражувања и испитувања со едуциран, мотивиран и искусен персонал, може успешно да ги извршува задачите што ги бара современото геотехничко проектирање и квалитетна контрола во фаза на изведба. За теренски истражувања и испитувања, лабораторијата треба да биде опремена со модерна технологија и водена од добро обучени инженери и техничари.

Нивната мобилност и ефикасност секогаш е особена поддршка на инженеринг активностите на терен. Поради специфичноста на работите и потребата од одлично познавање на оперативните активности, теренската лабораторија ја сочинуваат искусни кадри кои комплетно ги водат процесите во подготовка на геомеханички елаборати, контрола – прием на градежни јами, теренска контрола на носиво-деформабилните карактеристики на тлото, геотехнички надзори, консалтинг проекти.geing terenska laboratorija (3)

Како потврда за квалитетот на лабораториските испитувања е нивно спроведување во акредитирана лабораторија која ги исполнува барањата на ИСО 17025.

Акредитирана лабораторија претставува основа за квалитетена стручна и истражувачка работа и како таква полесно може да се вклучи во домашните и странските образовно-истражувачки проекти.

Улогата на акредитираната лабораторија на пазарот е непристрасен, стручен и компетентен пристап кон утврдување на својствата на производот или предметот на испитување.

Имплементирањето на стандардот ИСО 17025 е од големо значење за секоја лабораторија, со тоа го подига рејтингот, можноста за учество на меѓународни проекти, обезбедува доверливост со прифаќање и признавање во резултатите од приватни организации, државни и меѓународни институции, олеснување на соработката при хармонизација на стандардот со процедурите, светски препознатлива лабораторија на пазарот.

Подготвил: Игор Ѓорѓески, дипл.инж.геотех., ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје

 

Испрати коментар

Scroll To Top