Во Париз се одржа “Solar Decathlon Europe” – натпреварување во десет дисциплини. Во текот на 10 дена натпреварувачките тимови имале задача да изградат одржливи куќи и да ги демонтираат. Една од наградите му припадна на архитектот од Србија, Драган Златковиќ. Како дел од тимот “RESSO” од 50 луѓе тој го освои првото место во категориите архитектура и иновативност, и третото место во категоријата урбанизам.
„Се работи за куќа која според концептот на паметните куќи (пасивен дизајн) акумулира одредена количина на сончева енергија, која во еден дел се користи за загревање на просториите според претходно дефинирани параметри“, вели Златковиќ. Идејата била да се направи куќа која минимално ги користи ресурсите од природата и не генерира отпадни материи. Исто така, куќата е проектирана така што максимално ја искористува сончевата енергија. Објектот има околу 150 метри квадратни, висок е шест метри и широк 13 метри, и независен е од кој и да било енергент.