Денеска официјално се пушти во употреба станица за полнење електрични возила, која е поставена на првиот кат на катната гаража „Македонска фаланга“.
На пуштањето во употреба на новата станица за полнење електрични возила присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој најави и други активности на Градот во областа на електромобилноста.
– Оваа станица е наменета за полнење на сите видови електромобили (автомобил, скутер, електро велосипед) и има два приклучоци за истовремено полнење со вкупна моќност од 22 kW (кило вати) по приклучок. Еден електроавтомобил целосно се полни за околу 30 минути, а со овие автомобили трошокот за возење на 100 километри изнесува околу 50 денари. Паркингот за време на полнењето во катната гаража „Македонска фаланга“ на сите сопственици на електрични мобили е бесплатно. Градот Скопје ќе продолжи со проекти со кои се унапредува елетромобилноста и во наредниот период ќе биде набавено вакво возило за потребите на администрацијата на Град Скопје, а ќе продолжи и процесот на поставување вакви полначи на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“, – кажа градоначалникот Трајановски.
Со промоцијата на станицата за полнење на електрични возила, ПроКредит Банка АД Скопје ги промовираше и петте нови електромобили кои ги набави за комерцијална употреба во секојдневното работење, со што стана првата компанија во Македонија која користи електромобили.
Градоначалникот Трајановски, за својот придонес во развојот и промоцијата на електромобилноста во Република Македонија, додели благодарници на:
ПроКредит Банка АД Скопје (прва компанија во Македонија која има купено 5 електрични автомобили за комецијална употреба во секојдневното работење).
Ванчо Зрнцев (возило Матиз преправено во електричен автомобил).
Сашо Јовановски (возило Чиквеченто преправено во електричен автомобил).
Инсталацијата на оваа станица е прва од овој вид на територијата на Град Скопје, а во моментов ЈП „Градски паркинг” има набавено две вакви станици, за полнење електромобили, за што издвои 20.000 евра (10.000 евра од страница).