Бил Гејтс смета дека најдобриот начин за ублажување на климатските промени се иновациите. Со цел да го докаже ова, тој во наредните пет години ќе вложи две милијарди долари во проекти од областа на обновливите извори на енергија. Во разговорот за Financial Times, тој изјавува дека досега веќе вложил една милијарда долари, од кои дел директно во 15 компании кои работат проекти за обновливи извори на енергија, а дел индиректно преку фондови во други 30 компании кои работат на проблеми од областа на климатските промени. Постои реална шанса во следните пет години овие вложувања да бидат удвоени, изјавил Гејтс. Притоа, тој истакнал дека обновливите извори како што се фотоволтаиците и ветерните фарми не ги смета за доволно доверливи извори, па фокусиран е на проекти и од областа на третирање на нуклеарен отпад, вештачка фотосинтеза и слично.