Дизајниран како викенд куќа од страна на канадското студио MacKay-Lyons Sweetapple Architects, објектот е ситуиран во непосредна близина на рибарско село, на ливада која се граничи со карпестиот брег во Нова Шкотска.
На само неколку чекори од океанот, овозможува бегство од метрополскиот живот нудејќи мирна, релаксирачка атмосфера надополнета со извонредните врамени визури.
Како одговор на барањата на клиентите, да се создаде интимен „храм“ од кој би можеле да се уживаат визурите кон водното пространство, архитектите го дизајнирале објектот како инструмент за набљудување на пејзажот, отворајќи ги страните кон Атланскиот Океан и фокусирајќи го отворот кон залезот на Сонцето.
Објектот е подигнат на гранитни блокови во однос на земјиштето, со цел сите поголеми бранови да можат да поминат под него, додека пак драматичноста при обликувањето ја зголемуваат перфорациите низ издолжената метална структура, креирани како точки на доживување на природниот пејзаж и залезот на сонцето.