За оваа градба, која се наоѓа во центарот на градот Принц Џорџ, Владата на Британска Колумбија инвестираше 25,1 милион долари. Проектот, предводен од архитектонското студио на Мајкл Грин (MGA), започна со реализација во пролетта 2013-та и беше завршен во октомври 2014 година. Со овој проект, Британска Колумбија ја зацврсти својата глобална репутација на лидери во дрвна конструкција, инженерство и дизајн на дрвни производи.
Зградата со осум ката, односно шест ката со мезанин и поткровје, висока 29,5 метри, е објект кој сака да го претстави потенцијалот на градење средни и високи структури користејќи исклучиво дрво. Па така, во оваа зграда нема бетон над приземната плоча, со исклучок на машинскиот дел во поткровјето. Овој дизајн инкорпорира едноставна „сува“ структура на системски интегрирани вкрстено лепени плочи (cross-laminated timber), подни панели, лепени носачи (glue laminated timber), столбови и греди, како и ѕидови од масивно дрво. Употребени се и бројни видови на дрво и дрвни производи од цела Британска Колумбија како дуглазија, кедар, бор и смрча. Исто така, за нејзина изградба било потребно прецизно планирање, моделирање, креативност за пронаоѓање нови решенија, многу тестови, блиска соработка со сите сектори и подготвеност за соочување со непознатото.
Центарот претставува спој на концепт и дизајн со заедничка компонента, а тоа е едноставноста со која најдобро се истакнува убавината на дрвото како материјал. На приземјето, тројно застаклениот ѕид со прозорски рамки од лепен ламелиран фурнир (LVL) го поврзуваат ентериерот, целосно обложен со дрво, со надворешната околина на најприроден можен начин.
Универзитетот на Северна Британска Колумбија ќе ги користи првите три ката од зградата за простории во служба на постдипломски студии за студии специјализирани за иновации и градење со дрво. Студиите се планира да започнат во септември 2015 година. Горните катови ќе бидат наменети за владини канцеларии и организации со поле на дејствување во дрвната индустрија. На тој начин, Центарот е замислен како собирачко место за истражувачи, академици, дизајнери, како платформа за свежи идеи и изнаоѓање на иновативни начини и решенија за употреба на дрвото како материјал.
Целта е да се зголеми капацитетот за иновации на дрво, вклучувајќи едукација и тренинг, како и подобрување на стручноста поврзана со изработка на дрво, дрвни продукти и инженерство.
Едноставноста како главен концепт се провлекува и во намерата за повторливост на овој систем. Наместо фокусирање на оваа градба како уникатна структура, целта е да се создаде зграда која може лесно да се реплицира, со крајна цел да се промени идејата за домување и да се прошират хоризонтите на размислување при употреба на материјали при градење на згради.
Оваа компонента била основен избор со цел што повеќе архитекти, градежници и создавачи да ја препознаат вредноста на дизајнот од масивно дрво како погодна алтернатива на челик и бетон. Исто така, и како најдобар начин за одржливост на порастот на економијата на дрвната индустрија на Британска Колумбија преку значајни повторливи иновации.
Оваа градба отвора едно ново поглавје во градежништвото, бидејќи дрвните структури се одржливи и корисни за околината, а исто така, тие го претставуваат значењето на конструкциите од дрво како најефективна опција за зачувување на планетата.
Иновацискиот центар за дрво и дизајн го истакнува дрвото како одржлив и најубав материјал за градење, како во Британска Колумбија така и во светот. Овој дизајн ја истакнува убавината на дрвото и истовремено го прикажува потенцијалот за зголемување на употребата на дрво за средни и високи градби. Со своето постоење, ни ја презентира иднината на дрвната архитектура и воопшто на градежништвото, и нѐ воведува во модерното живеење кое е можно само во нераскинлива кохезија со природата.