Десетмина најталентирани и најуспешни студенти со висок просек на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, од факултетите за градежништво, архитектура, геодезија, економија, медицина, фармација, Филолошкиот и Филозофскиот факултет, добија стипендии за доедукација на првата сертифицирана академија „Адора инженеринг“, каде што надвор од формалното образование овие млади луѓе ги збогатија знаењата со практични искуства и вештини за иновативно и за креативно претприемништво, како добра основа за работното ангажирање, професионалниот и личен развој.
Стипендиите ги обезбеди Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец, а академијата е организирана во соработка со НАПАГ, Националната асоцијација на престижни академски граѓани. Градежната компанија Адора инженеринг во соработка со Семос Едукација се придружи на глобалната кампања на Autodesk за сертификација на знаењата на студентите и на едукаторите. Адора инженеринг, преку Фондацијата „Проф. д-р Ванчо Чифлиганец“, обезбеди поддршка за 12 бесплатни ACU испити за 12 најдобри кандидати, Семос Едукација обезбеди бесплатна подготвителна обука за полагање на ACU испити за 12 кандидати, а Autodesk обезбеди бесплатен софтвер за едукатори и за студенти.