Насловна / Вести / Подземен пекол

Подземен пекол

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Кога ќе бидат изградени подземните коридори, сè ќе си дојде на своето место. Сè ќе биде во ред. Метежите ќе се намалат, колоните ќе се скратат, а октанската грмотевица ќе биде ставена на „децибелска диета“. До толку во ред, што ќе почнеме да се поистоветуваме со нив. А тие ќе предат испружени под земја, па сепак условени од нашето познавање, умешност и далекугледост.

Булевар „Св. Климент Охридски“, булевар „Илинден“ и улица „Кеј 13 Ноември“, дел од улица „Кеј Димитар Влахов“, до вчера делови од булевар „Партизански Одреди“ и улица „11 Октомври“, во еден момент и улица „Димитрие Чуповски“, утре булевар „Македонија“, можеби и булевар „Крушевска Република“… Коридори кои промрдуваат од чипката урбани сообраќајници навидум без јасна меѓусебна врска. Освен што во еден период секоја од нив била втерана во трета димензија – онаа под нивото на теренот. Некои во перспективните меридијани на ГУП-от, некои во визиите на странските и домашните креативци, а оние краткотрајните во отпадоците од глина од која се „замесуваат“ ДУП-овските варијанти.

Скопје по се изгледа остварува посебен однос со своите подземни сообраќајни коридори. На некој начин овој град како да се обидува да се идентификува со нив. А тие се по правило луксуз или спас. Без средна вредност, без најмал заеднички статусен именител. Но, богати не сме. За таков луксуз сигурно не. Останува втората варијанта и онаа „опашка“ од прашање (над кое можеме во друга пригода да ламентираме) од кои причини посегнуваме токму по таков спас? Кој објективно ветува многу, нудејќи објективно малку.

tunnel fire 3

Никакви перкусии, гонгови или фанфари. Само тунел со сите негови доблести и маани. Кој бара трезвеност, самокритичност и познавање на неговите преображенија. И на опасностите што од нив произлегуваат. Бидејќи по комбинацијата од улоги слуга-господар тунелите не се разликуваат многу од водата на пример, или од огнот.

Некои нешта на кои треба да се потсетиме …

Контролирана, безбедна средина, со униформно осветление и сигнализација, без атмосферски влијанија и крстосници. И без вишок од грижа, како општ консензус во перцепирањето на тунелските делници. Се до пред декада и пол. А нема подобри носители на пресврт од големите несреќи и нивните жртви. Особено на места каде сме убедени дека ретко се случуваат. 39-те жртви на пожарот во тунелот Мон Блан во 1999 година беа онаа кофа со студена вода која донесе болно отрезнување. По нив ништо повеќе не беше исто.

Индустријата беше свесна дека нешто мора да преземе, а тунелите за секогаш го изгубија ексклузивитетот на безбедни екстензии на патниот сообраќај. Кои треба да се предвидуваат со лежерност и без ограничувања. Во или вон урбаните средини. Денес дури и површниот преглед на ЕУ и САД регулативата за минималните безбедоносни стандарди за проектирање и изведба на тунели, укажува на длабочината на перцептивната промена и сериозноста на пристапот. Отворајќи ги повторно прашањата за кои постоеја и повеќе од солидни одговори. А кои некаде воопшто и не се отвораат …

Тунелите и буквално поседуваат „огнена“ природа. Во случај на пожар нивната затворена структура не дозволува ослободување на развиената топлина. И тука е почетокот на тој незаситен пеколен ефект. Заробената топлина го забрзува горењето и создавањето нова. Која може да се ограничи единствено со ограничување на расположливиот кислород. Тогаш пламенот се засркнува и почнува да губи сила. И да отстапува, оставајќи им простор на исклучително токсичните гасови. Кои, доколку и самите се почувствуваат заробено од таа затворена структура, лесно можат да се претворат во претпоследна слика на сценариото со црн исход. Во оној момент кога ќе станат побрзи од испаничените бегалци. Како што беа побрзи од 27 жртви во планиснкиот коридор Мон Блан. Кои не починаа од пламените јазици, туку од дејството на токсичните испаренија.

impulsen ventilacionen sistem

Импулсивен вентилационен систем

… и да ги научиме …

Импулсните вентилациски системи за еднонасочен лонгитудинален одвод на токсичните тунелски испаренија беа моментот на голем триумф. И на индустријата и на креативните умови зад неа. Над тунелите и над нивните застрашувачки трансформации. Гасовитите токсини принудно кон едниот, а испаничените патници слободно кон другиот тунелски влез, во безбедната прегратка на интервентните служби. Конечна победа на техниката над еден природен феномен и неговите законитости, кои во периодот на пост-триумфалното задоволство беа малку изумени.

Идеална увертира за ново отрезнување, кое го нема ефектот на кофа со студена вода, но ги издишува гордите гради. Како удар од несакан воздух на пример, кој во услови на пожар претставува најмалку посакуван „зачин“. Чиј заднински продор работата на овој идеален систем го провоцира токму од безбедниот тунелски влез. Чист физички ефект на падот на воздушниот притисок предизвикан од присилното потиснување на чадот во спротивната насока.

Тунелите се чини добија и трет „отвор“, над кој лебди нова дилема која допрва ќе бара одговор. А од кој ѕирка и искуственото сознание дека површно предвидениот капацитет на импулсните вентилациски системи во практиката повеќе пати се покажал како опасно недоволен. Со што оној триумф губи на тежина и станува исплакнат од победничкиот колорит кој бара итно реставрирање. И отворање на некои прашања, особено таму каде тунелите лесно се предвидуваат…

Во стратегиите за превенција од тунелските несреќи, човечкиот фактор има посебно место. Неговата личност, мотивација и емоции, способноста за перцепција, заклучување и донесување одлуки, мотористиката и индивидуалноста се елементи од кои се изградени и потенцијалниот причинител и потенцијалните жртви. Можеби малку повеќе во култури во кои натпреварувачкиот дух во сообраќајот и игнорирањето на ризикот имаат повисока бранова должина од самодисциплината и почитувањето на системските правила и околина. Односно таму каде карактеристичните бихевиорални нијанси не се материјал за еднократна употреба. Туку безжична врска со Хадовата амбиентална целина.

pozar vo tunel

Пожар во тунел

Преклопувањето на човекот и тунелот не смее да биде спонтано ниту пак еуфорично. Бидејќи тоа е една од ретките форми во која се влегува лесно, а инстиктивно излегува потешко. Дури и тогаш кога на патот ништо не се испречува. Во услови на опасност познатата околина влијае утешно и заштитнички. Сопственото возило на пример, наспроти китовскиот желудник на тунелот.

Сопствениот имот и сопствениот статусен симбол. Безбедоносна фатаморгана која може да се разбие со „коктел“ од информативен противотров. Визуелен и акустички истовремено. Само едно предупредување нема сила ниту да го привлече панично расеаното внимание ниту да го придвижи физикусот. Потенцијалната жртва мора да стане свесна за типот и обемот на опасноста веќе „на прва топка“. Вториот „пас“ треба да содржи јасни инструкции за евакуација. Кај третиот, човекот обично ја губи трката со околностите.

Кај законитостите на интеракцијата човек-околина, антрополошките емоции се „горивото“ што треба да ја придвижи единката. А стрес-ефектот на алармите, визуелните ефекти и сигнали, неговиот „штапин“. Во услови на баланс кој на стресот нема да му дозволи да се размавта и да го помати расудувањето. Вистинските аларми во вистинскиот момент, кои треба ја пробијат „завесата“ од чад за да стигнат до целните очи и уши. Оптимално брзо и јасно и без компромиси. Вистински во поглед на формата, големината, позицијата, бојата и режимот на работа. Кои не смеат да бидат само случајни елементи сувопарно пресликувани во проектните документации.

Manadatory Credit: Photo by Sipa Press / Rex Features (303301G)

Пожарот е последната етиолошка секвенца во оваа приказна. И бара не помало внимание од факторот човек. И во делот на неговото лоцирање и во делот на неговото локализирање. Автоматските детектори за пожар, камерите, инструментите за мерење на нивоата на одделни гасови и детекторите за движење на возилата не се Спилбергови играчки. Туку редовна комбинација од софистицирана техника и човечки фактор.

Токму како и спринклерите, некаде од 1999-та и онаа поразителна дата за тунелот Мон Блан. А до тој ден, како шокантен куриозитет, стандардна безбедоносна опрема само во Австралија и Јапонија. Во глобалното ресто претежно „жртви“ на злосреќните проценки дека нивната фундаменталност нема потенцијал да ги состави со стандардната тунелска противпожарна заштита. Од тогаш, нели, ништо не е како порано.

Во иницијативите за потрага по нови одговори, пред сè. Како што е оптималната форма на капките на противпожарната вода. Како што е врската помеѓу потеклото и типот на огнот и видот и содржина на противпожарните адитиви во водата. Како што е пасивната противпожарна заштита, која треба да го спречи оштетувањето на тунелската структура до ниво на нејзина неупотребливост. Како што се оние безбедоносни прашања кои со случајноста не смеат да имаат допирни точки. Таму каде тунелите не се предвидуваат полесно од семафорите.

mon blan tunelski vlez

Тунелски влез, Мон Блан

… пред да почнеме

Борбата со сообраќајните метежи е легална обврска на секоја локална самоуправа, во која односот инвентивност – проценка на сопствените капацитети треба да има запазена улога. Првенствено онаа инвентивност која ги следи искуствата на побрзите и технолошки супериорните, а не прераснува во жртва на преголема доза на еуфорија по глава која одлучува.

Инвентивната енергија е за секоја пофалба, но не смее да се изобличи во ладнокрвност која лесно ќе се пласира. А во услови на неискуство во реализација на современи тунели и носење со нивните безбедоносни „каприци“. Кои се само доказ дека факторот човек во оваа приказна и понатаму е од пресудна важност. Во однос на изборот на техничко-технолошките решенија и финеси, на второ место. Во заобиколувањето на непотребно комплексните варијанти, на прво.

Современата техника и понатаму ќе „слетува“ во современите тунели онаму каде човековите способности се ограничени. И ќе ја потврдува важноста на нивниот меѓусебен однос. Неговата суштина е дел од четиритактниот систем на ризик-фактори човек-возило-дејство-медиум. Таму каде подземјето и сообраќајот не уживаат природна блискост, потребен ќе биде и петтиот фактор – среќата. Па сепак и во вакви случаи тунелските несреќи не се „жители“ на Неможното. Ниту во случај на еден тунел. А камо ли повеќе.

Она што останува зад секоја тунелска несреќа, ретко кога претставува последица на само еден фактор. Особено ако се знае дека најголем непријател на овој „лек од метежи“ се, парадоксално, самите метежи. И не е карактеристика само на вонградските тунели. Двата пожари во белградскиот Теразиски тунел во текот на само една недела во октомври 2013 година тоа го потврдуваат. А градот Белград ги натфрла и вториот демографски милион и прифатливото ниво на сообраќајни потешкотии. И има само еден тунел …

-крај-

Испрати коментар

Scroll To Top