Товарното пристаниште во Хамбург е едно од најголемите во светот, кое во континуитет се развива и расте. Но, тоа не е само логистички туку и еколошки предизвик. Во 2014 година низ ова пристаниште поминале 10 милиони контејнери стока од целиот свет. Со тоа, Хамбург е на второ место во Европа и на 15-то место во светот. До 2025 година низ пристаништето би требало да минуваат 15 милиони контејнери годишно.
Но, во што се состои еколошката димензија на оваа тема? Градот Хамбург настојува значително да ја намали емисијата на стакленички гасови и своите потреби од енергија главно да ги обезбедува од обновливи извори. Најголем дел од индустриската потрошувачка на енергија се однесува токму на ова пристаниште, каде сериозно се работи на достигнување на зацртаните еколошки цели на градот.
Контејнерскиот терминал Altenwerder (CTA) е речиси целосно автоматизиран. Во заградениот простор со големина од 30 фудбалски игралишта возат десетици транспортери на контејнери. Тие се слични на возилата што на аеродромите маневрираат со авионите. Возилата се долги 15 метри и тешки по 34 тони. Нивното име е AGV, Automated Guided Vehicle, односно возила со автоматско управување. Тие немаат возач. Со нив управуваат 19.000 трансподери вкопани во земја и тоа толку совршено што никогаш не доаѓа до судар.
Поголем дел од овие возила сè уште имаат дизел мотори, а само помал дел од нив се опремени со електрични мотори. Но, наскоро сите возила ќе работат на електричен погон. Батериите за овие возила се огромни – секоја од нив има 12 тони. Нивниот капацитет е доволен за 20-часовна непрекината работа, а замената на батериите трае само пет минути и исто така се одвива потполно автоматизирано.
Но, амбициите на тимот инженери од ова пристаниште не запираат тука. Тие веќе тестираат нова генерација батерии чија маса е нешто поголема од еден тон, и со кои сериозно ќе се намалат трошоците за енергија, особено доколку тие се полнат исклучиво ноќе. Според пресметките на логистичкиот тим, годишно би требало да се намали емисијата на јаглерод диоксид за 12.000 тони. Но, во управата на ова пристаниште сметаат дека превозот на стоките не треба да биде само еколошки прифатлив туку неопходно е и интелигентно управување. Затоа веќе се развива софтверско решение SmartPORT што сигурно ќе ја подобри логистиката. Крајната цел е ефикасно да се управува со превозот, потрошувачката на енергија и ресурсите.