Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ по втор пат ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за Предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика.
На отворениот повик распишан од 17-ти март до 1-ви мај оваа година се пријавиле шест проекти, а овогодишен добитник на наградата е истражувачкиот предлог насловен „Kолективното дејствување како политичка, а не организациска одлука“ на авторите Ивана Васева и Филип Јовановски.
„Kолективното дејствување како политичка, а не организациска одлука“ е истражувачки проект кој се обидува да испита одреден аспект/карактеристика од македонската историја на уметноста во 20 век – поконкретно во втората половина на 20-ти век започнувајќи од 1945 година, но и да навлезе во најновата уметничка продукција во земјава – а тоа е идејата на колективното здружување на полето на уметничката продукција во различни уметнички групи со идеја да ја види моќта, потенцијалот и оттаму политичката релевантност на ваквите практики.
Тричлено стручно жири во состав Искра Гешоска (теоретичарка на културата), Лазо Плавевски (историчар на уметноста, ликовен критичар и куратор) и Јане Чаловски (ликовен уметник, куратор и публицист), по разгледувањето на доставените предлози за награден го одбра проектот на Васева и Јовановски заради третманот на две клучни нешта за нашиот социо-културен контекст кои не се доволно обработени, а се важни не само за современите визуелни практики туку и за уметничките практики воопшто, a тоа се: бинарната корелација уметност – политика, односно уметноста како политичко артикулирање на светот, а со тоа како ризоматско ширење низ порите на творечката и општествената динамика, и присуството на здружувањата/колективите како суштинска појава во македонската современа уметност.