Томи Хилфигер е американски моден дизајнер и основач на брендот Tommy Hilfiger Corporation, кој е присутен на модната сцена веќе триесет години, а неговиот препознатлив бренд го обожавале и жените и мажите и децата на речиси сите континенти.
Денес, неговата империја се проценува на неколку милијарди долари, и со неговата втора сопруга Ди Оклепо од неодамна живее во гламурозна палата во близина на Мајами.
Тоа е куќа на плажа, чијшто енергичен ентериер не е случаен. Семејството Хилфигер како култен бренд и синоним за класичен американски стил, долго барале куќа во Флорида каде што ќе живеат, за конечно минатата година да ја најдат оваа „убавица“ изградена во 2007 година на три ката со седум соби и речиси 1.500 квадратни метри простор за живеење на Golden Beach.
Ентериерот е луксузен, но не како што сме навикнати да гледаме во домовите на познати каде обично е со природни и ненаметливи бои, туку претставува храбар и шарен раскош со многу различни примероци, бои и со импресивна колекција на уметнички дела од 20 век со нагласок на творештвото на Енди Ворхол. Зад уредувањето стои познатиот британски дизајнер на ентериери Мартин Лоренс Булард, миленик во модните и филмски кругови.
Една од причините зошто двојката се вљубила во куќата, се модерните линии и многуте ѕидови на кои можат да ги закачат уметничките дела кои долго време се чувале надвор од очите на јавноста, што е штета со оглед на тоа што Томи Хилфигер е голем поп арт колекционер на уметнички дела и фанатик кога станува збор за современата уметност.
Покрај тоа, тие сакале се да биде светло, весело, забавно и помалку психоделично. Исто така, големо влијание во уредувањето на оваа куќа имаат и 60-тите и 70-тите години на минатиот век, кога дизајнерот ја започнал својата работа, и тоа време е многу посебно во неговиот живот.