Ветрогенераторите ја користат енергијата на ветерот за производство на електрична енергија. Предностите се повеќекратни, но сепак постојат ограничувања во поглед на местото на поставување, опасност од загинување или повреди на птиците и сл. Решението за кое денес пишуваме би можело да значи воведување на енергијата од ветерот во секој дом.
Американската компанија “Sheer Wind” го претстави својот проект “INVELOX” – ветрогенератор кој ќе произведува и до 600% повеќе енергија отколку конвенционалните ветрогенератори. Интересно е дека истражувањата и тестирањата покажале дека тврдењата на компанијата се сосема на место. Се претпоставува дека цената ќе изнесува околу 750$/kW.
Принципот на работа на овој систем е прилично едноставен. На врвот се наоѓаат „колектори“ на воздухот, кои се отворени 360 степени и кои можат да го примат воздухот од сите страни. Ветерот го издувува воздухот низ секција каде брзината на воздушната струја се зголемува. На крајот се наоѓаат три сериски поврзани ветрогенератори, кои генерираат електрична енергија.
На пример, ако ветерот дува со брзина од 16 km/h, тогаш со таа брзина воздухот се насочува во всисната секција, па кон ветрогенераторот воздухот доспева со брзина од 64 km/h. По генерирањето на електрична енергија, воздухот излегува со брзина од 24 km/h.