Генерација која пред 45 години беше една од најдобрите на Градежниот факултет, сите млади и полни со ентузијазам, подготвени да остават свој печат на делата со кои и денес се гордеат. Станува збор за генерација од 33 машки и само три девојки, градежници, кои работата и ден денес ги држи во топ форма. Оваа година, иако во намален број поради несакани причини, сепак во добро расположение, тие прославија 45 години од апсолвирањето на Градежниот факултет во Скопје. Секој од нив напредувал во изборот на својот животен пат, некои биле директори, други проектанти и истражувачи, но и професори дури до Стенфорд Универзитетот во Америка. А денес, сите уживаат во пензионерските денови, а на прославата заедно со своите животни сопатници и колегите се присетуваа на сите доживувања од времето на студирањето, разговараа за пензионерските денови.
Добре Тасевски раскажува за тоа дека биле една од најобрите генерации до 1971 година, што пак се потврдува со успесите кои ги имаат постигнато. „Во исто време шестмина ги завршивме предавањата и испитите, а во рок од една година сите дипломиравме. Бевме една одлична генерација, сите скромни и посветени на студиите. Од денешен аспект се гледа дека многу сме постигнале. Некои станаа директори, проектанти, професори, а колегата Пане Стојанов заврши како професор на Стенфорд Универзитетот во Америка. Навистина ми е жал што некои од колегите повеќе не се меѓу нас, но тие што сме тука вреди на оваа 45-годишнина да се собереме и да се дружиме“, вели Тасевски.
Васил Митанов, професор на Градежниот факултет, кој ужива во пензионерските денови, се присетува на сите свои први работни задачи, но како најтежок го памети стравот што го имал како асистент пред првиот час со студентите. „Не можам да одвојам еден или друг објект што ми е драг затоа што тие сите се исти и на сите се работи со исто внимание“, вели Митанов.
На средбата со своето присуство чест на генерацијата и укажа и актуелниот декан на Градежниот факултет Милорад Јовановски.
До следната дружба, на 50-годишнина, градежниците ќе уживаат во пензионерските денови и во гледањето на фотографиите од оваа средба.