Во приземјето на станбен блок купив простор за угостителски дуќан – мал ресторан за италијанска храна кој ќе нуди од кафе, преку сезонски салати до шпагети, лазањи, равиоли… Ве молам за совет, како да го организирам просторот, а воедно и како да го декорирам за да биде привлечен за посетителите?
Митковски, Скопје
Атмосферата и стилот на ентериерот во овој ресторан треба да релаксираат, да создаваат чувство на свежина, а гостите секогаш да се чувствуваат посебно, во центар на вниманието, додека функцијата на објектот ќе го диктира распоредот на мебелот и кујнската опрема.
Наспроти влезот се поставува шанк кој ја дели кујната од делот за седење на гостите. Кујната се организира во ниша под агол. Делумно е задскриена од пултот и висечките паноа над него. На столбот од кујната е поставена црна табла на која се пишува дневното мени. Делот за гостите е организиран со маси покрај прозорецот и маса со клупа за поголемо друштво во нишата.
При уредувањето на ентериерот, како што вели дизајнерот Maurizio Pellizzoni, треба да се имаат на ум неколку важни работиː
– да се погледне просторот и да се разбере неговата употреба;
– да се слушнат идеите на клиентите и да се соработува со нив за постигнување на крајниот изглед на просторот;
– да се употребат иновативни идеи;
– да се нема страв од употреба на бои и материјали кои просторот ќе го направат да изгледа богато и уникатно;
– да се употребат декоративни предмети, постери, слики и свежи растенија како финален слој.
При изборот на бои, потребно е да се создаде баланс. Тој вообичаено се постигнува со формулата 70-20-10: главна боја 70% (ѕидови, во случајов јака зелена), 20% секундарна боја (мебел, под, кујна, природна боја на дрво), 10% детали (црвена боја за перничиња, слики, свеќи, садови).
Во убавите топли денови изнесете ги масите и жардиниерите со цвеќе надвор, пред прозорецот кој ќе го оплемените со мали дизајнерски елементи.