Зголемување на вкупните порачки и договори за градежни работи и на бројот на вработени во наредните три месеци очекуваат раководителите на градежните фирми, објави денеска Државниот завод за статистика.
Според оценката на раководителите, индикаторот на доверба во првото тримесечје од годинава е зголемен за 1,2 процентни поени во однос на претходното тримесечје, а за 2,3 процентни поени споредено со првиот квартал лани.
Раководителите изнеле поповолна оценка за економската состојба во првиот квартал од годинава во однос на претходниот квартал и споредено со првиот квартал лани. Поповолна оценка изнеле и за финансиската состојба на нивните деловни субјекти во однос на претходното тримесечје. Оценката за сегашната состојба со порачки (договори), исто така, е поповолнa во однос на претходното тримесечје.
Во наредниот период се очекува продажните цени да се зголемат, a бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата во првото тримесечје од 2015 година се над нормалата.
Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат неколку фактори: немањето побарувачка со 21,6 проценти, зголемените трошоци за материјали со 15,5 проценти, конкуренцијата во сопствениот сектор со 13,1 процент и зголемените финансиски трошоци (камати) со 12,9 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.