Како што и се очекуваше, тивко, без помпа, на 19 март годинава, „Autodesk“ го објави AutoCAD 2016, јубилејното 30-то издание на најпродаваниот CAD софтвер на сите времиња. Неколку дена подоцна, оваа верзија стана достапна за онлајн преземање и продажба. Општо е познато дека „Autodesk“ при креирањето на новите верзии строго се држи до две правила: издавање на нова верзија на една година и воведување на нов фајл формат на секои три години. Првото правило го испочитуваа, но сепак сите што очекуваа нов .dwg2016 фајл формат ќе мораат да се стрпат до некоја нова верзија, бидејќи очигледно „Autodesk“ си го прекрши правилото и го наруши циклусот од три години.
AutoCAD 2016 остана на .dwg 2013 фајл форматот. Нов фајл формат сам по себе не значи многу. Во секој случај тој ќе донесеше подобар квалитет, поголема оптимизација и слично. Но, на оние што планираат годинава да се подноват со нова лиценца на AutoCAD 2016, новиот фајл формат ќе значеше дека барем во наредните три години со AutoCAD 2016 тие ќе бидат компатибилни со наредните три верзии на AutoCAD. Како што претходно беше пишувано во оваа рубрика на „Порта 3“, од 1 февруари 2016 година, „Autodesk“ ги укинува трајните (временски неограничени лиценци), па оние што не сакаат постојано да плаќаат за софтвер во претплата, ќе мораат до наведениот датум да се снабдат со трајни лиценци. А, AutoCAD 2016 е одличен избор.
Што е ново во AutoCAD 2016?
„Autodesk“ продолжува и во AutoCAD 2016 да го развива графичкиот интерфејс во темна боја кој беше претставен во AutoCAD 2015, но овој пат се направени мали шминкања и се додадени нови опции, какви што се:
- New Tab картичката е преименувана во Start. Системски варијаблите се подесени таа да биде постојано присутна на екранот и да не може да се затвори, освен доколку варијаблата STARTMODE не се подеси на вредност „0“.
- Start картичката содржи прозорче Notifications на кое се прикажуваат известувања од Autodesk.
- Статусната линија на дното на интерфејсот доби можност да биде поделена во две линии доколку корисникот користи повеќе помошни алатки на статусната линија, а со цел да остави повеќе простор за прикажување на повеќе layout-и.
- Layout-ите добија опција drag&drop за нивно едноставно преместување во однос на другите layout-и дури и кога имаме голем број на затскриени layout-и.
- При кликање на Find (најди) линкот покрај иконата во Help менито, се појавува анимација која посочува на интерфејсот каде се наоѓа иконата на командата што била пребарувана.
Сепак, позначајните новини во ова јубилејно издание на AutoCAD се следните:
- Крајно време беше графиката да има подобар израз со оглед на тоа што хардверот стана понапреден и тоа за прифатливи цени, па конечно AutoCAD вгради anti-aliasing на линиите за „поудобно возење“ во апликацијата. Оваа новина не може да остане незабележана.
- Работата со варијаблите никогаш не била полесна. Во AutoCAD 2016 добивме System Variable Monitor кој ни овозможува поголема контрола врз варијаблите преку единствен дијалог прозорец во кој се дадени оние варијабли кои сакаме да ги следиме и нивните поставки, односно вредности.
- Покрај постојните Low, Medium и High Quality предефинирани поставки за рендерирање, AutoCAD 2016 воведе дополнително три крајно неверојатно именувани поставки: Coffee-Break Quality (рендерирање во 10 минути), Lunnch-Break Quality (рендерирање во 60 минути) и Overnight Quality (рендерирање во 12 часа). Новите поставки се исклучително корисни. Тие му овозможуваат на корисникот да не се грижи при одбирање на поединечните параметри за рендерирање, туку да остави тоа да го направи AutoCAD. Врз основа на тоа колку време корисникот сака да потроши на рендерирање, AutoCAD ќе ги одбере најдобрите параметри.
- AutoCAD 2016 воведе уште еден object snap mode – геометриски центар. Со овој мод, при одбирање на точка во просторот, AutoCAD го одредува геометрискиот центар на затворена геометриска 2Д форма.
- Воведена е нова команда за интелигетно сеопфатно котирање. Со активирање на командатата DIM и поставување на курсорот над објектот, AutoCAD ни дава тип на кота во зависност од типот на објектот врз кого се наоѓа курсорот. Оваа одлична алатка заменува една цела палета на алатки за котирање, а со тоа го намалува и времето потребно за котирање.
- Облачињата за забелешки (Revision clouds) сега имаат дополнителни опции за креирање на визуелно поприфатливи форми, односно правоаголни и полигонални облици, како и опции за нивно модификување.
- За подобра координација на сите фази на проектот, понудена е опција за прикачување на БИМ модел од Autodesk Navisworks со што е овозможено моделирање во 3д на или покрај БИМ моделот за подобра координација.
- Autodesk навистина посветил големо внимание на Облачињата од точки (Point Clouds). Сега тие имаат можност да добијат пресеци со помош на Section Plane командата. Од така добиените пресеци, понатаму може да се генерира 2д геометрија. Dynamic UCS помошната алатка ги препознава површините на облачињата, а посебните point cloud snap modes разликуваат и специфични точки на нив.
- Значајни подобрувања има и кај опциите за снимање на фајловите во pdf формат. AutoCAD воведе низа подесувања за креирање на поквалителни, а пооптимизирани pdf фајлови. Меѓу другото, при подесување на параметрите за принтање/плотање може да се забележат и AutoCAD PDF .pc3 фајловите.
- Подобрувањата на опциите за форматирање на текст во AutoCAD 2016 се континуирани во повеќе последователни верзии на AutoCAD.
Во дефинирањето на листата на новините и подобрувањата во AutoCAD 2016, значајна улога имаат и корисниците. Имено, секоја година корисниците, обединети во AUGI (Autodesk User Group International), составуваат листа на желби која потоа се предава на „Autodesk“. Голем број од тие желби се инкорпорираат во новите изданија. Таков е и овогодишниот случај. Веројатно, до некаде, може да се каже: AutoCAD 2016 – таков бидејќи вие тоа го баравте. Верзија која ќе се памети.